„Стоп за Усје“ ја најави својата музичка програма пред утрешниот протест

Иницијативата „Стоп за Усје“ ја објави листата на музичари кои ќе настапат на „Блокада фест“, настан што ќе се одржи утре од 15.00 до 23.00 часот, непосредно пред влезот на цементарницата Титан Усје. Организаторите најавуваат осумчасовна блокада проследена со музичка програма, како дел од протестот обединет под паролата „Без Усје полесно се дише“.

Од „Стоп за Усје“ велат дека настанот има двојна цел – јавно изразување на барањата за почиста животна средина и испраќање порака за тоа каков град сакаат граѓаните. Според нив, музичката програма е симбол на урбаниот и културен идентитет што, како што наведуваат, треба да има предност пред индустриските капацитети кои, според тврдењата на иницијативата, негативно влијаат врз квалитетот на воздухот.

Едно од клучните барања на иницијативата е воведување мерења на емисиите во реално време, наместо досегашниот систем базиран на просечни вредности. Тие бараат и зголемени, независни и надворешни контроли врз процесот на мониторирање.

Од управата на „Титан Усје“, пак, посочуваат дека во изминатите 15 години работат согласно европските стандарди и дека редовно се спроведува мониторинг на влијанието врз животната средина.

Блокадата, како што најавуваат организаторите, ќе биде мирна, со јасна порака за транспарентност, построг надзор и поголема заштита на здравјето на граѓаните.