Стипендии за деца со атипичен разој и системско решавање на образовните асистенти, најави министерката Царовска

Стипендии за 287 деца атипичен развој, системско решавање на образовните асистенти од наредната 2021/2022 година, но и Упатство за соработка меѓу ресурсните центри – поранешните посебни училишта – со училиштата каде има деца со атипичен развој, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа беше дел од настанот каде се одбележа почетокот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, реализиран од Фондацијата „Чекор по чекор“ со здруженијата „Инклузива“ и „Хендимак“, во соработка со ресорното министерство и ЕУ.

Царовска рече дека таа како министерка и како Влада се залагаат за секое дете да има еднаков пристап, а тоа го работат систематски и чекор по чекор. Инклузивното образование, дополни министерката, е процес со кој треба да излеземе во пресрет и да одговориме на различните потреби на учениците, преку пристапност, поддршка, зголемување на нивното учество во учењето, во училиштето и во заедницата.

„Сите сакаме да живееме во совршено општество, но до тоа општество треба да стигнеме со заеднички напори, со заедничка грижа за системите да профункционираат и да може да обезбедат таков квалитет каков што посакуваме“, рече таа.

Оттука, нагласи дека обезбедените 287 стипендии се една од активностите заедно со „Чекор со чекор“ и Делегацијата на ЕУ, за да има  поткрепа за учениците со атипичен развој, кои се вклучени во образовниот систем.

Проектот овозможува и туторска поддршка на овие деца, со што 30 тутори кои помина низ процес на обука ќе им даваат дополнителна поддршка на децата во совладување на наставната содржина.

Царовска потенцираше дека се работи на нормативот за образовна асистенција. Тој е во согласност Законот за основно образовавание, се’ со цел, вели Царовска, училишната 2021/2022 да ја започнеме со образовни асистенти кои ќе имаат системски решен статус и ќе се знае кои се работните обврски на образовниот асистент во училиштата.

Радио МОФ веќе објави дека досегашните искуства со образовните асистенти покажаа дека тие се недоволно платени и им доцнат хонорарите. Од тие средства си набавуваат материјали. Образовните асистенти истовремено се и лични асистенти, педагози и наставници. Се’ во едно. Младите дефектолози (специјални едукатори), кога ќе влезат во училиштата им се даваат работи што не треба да ги работат. Од друга страна, голем број наставници се неискусни, необучени и не знаат што да прават со децата со атипичен развој, па настанува збрка во поглед на надлежности, желби, можности меѓу нив и асистентите.

Царовска сега тврди дека со нормативот за образовна асистенција ќе се даде можност да се дискутира на кој начин образовната асистенција ги поддржува учениците во основното образование.

„Какви ефекти дава и дали можеби понатаму тој концепт ќе треба да се дополнува, да се менува нешто од она што значи досегашно увидување на образовната асистенција“, вели Царовска.

„Се подготви и за прв пат Упатство за соработка на ресурсните центри, поранешните посебни училишта, со сите училишта кадешто имаме деца со атипичен развој, се’ со цел тие во континуитет бидат поддршка и заеднички да ја организираат наставата – подеднаков квалитет за сите ученици“, дополни Царовска.

Таа рече дека е спроведена анкета со сите посебни училишта и училишта кои имаат посебни паралелки, а кои треба да продолжат да функционираат како ресурсни центри и центри за поддршка. Целта е, вели таа, да се согледаат нивните моментални капацитети и да се подготви план за реонизација, односно да ја определи територијата за обезбедување на поддршката.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е Европската Унија, и ќе трае три години. Почна во септември годинава, ќе заврши во август 2023 година.

Според Елена Мишиќ од „Чекор по Чекор“, првата главна цел е да им се помогне на сите ученици без оглед на видот на нивната попреченост, без разлика дали се работи за физичка, сетилна или интелектуална попреченост, да се вклучат во образование и да ја подобрат својата редовност.

„Ова од нас бара да се фокусираме на пилотирање на можни решенија, да најдеме модалитет и да ги откриеме сите кризни дела со кои можеби ќе се соочиме во нашата држава на овој пат кон инклузивност и да се обидеме да понудиме креативни и конструктивни решенија за сите училишта, рече Мишиќ.

Околу стипендиите, првата мерка од проектот, е тие да се доделување на месечно на ученици со нетипичен развој запишани во почетните одделенија, и таа очекува најмалку 450 ученици во текот на целиот проект да можат да ја искористат оваа можност,

Појасни дека предност ќе им се даде на лицата кои се запишани во редовните паралелки и на оние деца кои што транзитираат, односно кои ќе преминат од посебните паралелки, поточно од ресурните центри во редовната настава.

Втората компонента, според Мишиќ, е градење на партнерства и подигање на свеста на целокупното општество, што значи спроведување на активности и кампањи кои ќе ја нагласат важноста и неминовноста од воведување на инклузивно образование.

„Ќе работиме заедно со училишното раководство наставници, стурчни служби, специјални едукатори, на градење на капацитети за планирање и за спроведување на диференцирана настава која ќе биде прилагодена на потребите на сите деца, од која што во проектот ќе имаат полза не само нашите стипендисти туку сите деца во државата. Ќе ги следиме сите движења во светот, ќе се фокусираме на светските практики но и на градење на наши автохтони креативни решенија кои ние ќе можеме да ги понудиме понатаму во светот, додаде Мишиќ.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, овој проект треба да се даде јасен сигнал во поглед на еднаквоста и инклузијата во образованието.

„Вклучувањето на децата со атипичен развој во образованието бара ангажираност и инвестирање, а дава бенефит за сите“, рече тој.

Бојан Шашевски