Стигнаа првите патници – аеродромите во Скопје и Охрид повторно отворени, но по нови правила

По прекин од три и пол месеци, првите патници денеска пристигнаа и заминаа од меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид, следејќи ги новите правила за патување со цел заштита од Ковид-19.

Утрово, од скопскиот аеродром полетаа авионите за Стокхолм, Келн и Бремен на „Визер“, а прво слетување направи авионот на „Туркиш ерлајнс“, кој од Истанбул во Скопје донесе 104 патници. Тој беше дочекан со авијацискиот поздрав за „добредојде” – воден мост во форма на виножито.

Веднаш по него слета и авионот на „Пегасус ерлајнс“, исто така од Истанбул, кој во Скопје донесе 125 патника.

https://www.facebook.com/SkopjeAirport/videos/723857561743768/

На првиот ден од реотворањето, на скопскиот аеродром се очекуваат 28 лета, со вкупно 1.700 патници.

Охридскиот меѓународен аеродром, пак, се отвори со летот на авиокомпанијата „ЧерЕрлајнс“, кој од Цирих донесе 141 патник.

Според новите правила за патување, заштитните маски и дезинфекција на рацете се задолжителни, а термалните камери ќе ја проверуваат телесната температура. Сомнителните случаи ќе бидат спроведени во просторија за изолација.

Патниците се обврзани да бидат на аеродромите на три часа до летот, а ограничено ќе биде и користењето на чекалниците.

Патниците ќе треба да пристигнат барем 3 часа пред летот, на 1 јули се отвораат аеродромите со нови правила