Во најновиот извештај за човекови права во Македонија за 2024 година, американскиот Стејт департментSte истакнува дека ситуацијата е слична на претходните години, но голем проблем остануваат заканите и насилството врз новинарите, како и ограничувањата на слободата на изразување, пренесува агенцијата Мета.мк.
Иако Уставот ја гарантира слободата на говор, новинарските организации предупредуваат дека таа е поткопана од неколку фактори. Меѓу нив се зголемениот број на стратешки тужби против јавното учество (SLAPP тужби), несоодветното однесување на јавни функционери кон медиумите и притисоците врз новинарите.
Во извештајот се наведуваат конкретни случаи од 2024 година како случајот на новинарката Лепа Џундева која се соочувала со закани и говор на омраза по интервју со грчки функционер, додека новинарот Фуркан Салиу бил физички нападнат од полициски службеник, за што е покренато обвинение.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрирало повеќе инциденти, со забележителен пораст на насилството и вознемирувањето врз новинарки.
Во извештајот се цитирани и „Репортери без граници“ кои истакнуваат дека медиумите се под силен притисок поради политичката поларизација. Јавниот сервис, пак, сè уште се соочува со недостиг на уредничка и финансиска независност.
Стејт департментот посочува дека измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги овозможуваат владата да објавува реклами во медиуми за кампањи од „висок јавен интерес“. Независните медиуми изразуваат загриженост дека ова може да отвори врата за клиентелизам и влијание врз уредувачката независност, со што повторно се отвораат ризиците од корупција во медиумската сфера.
Извештајот нотира и сериозни слабости во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Иако постојат правни механизми за казнување на злоупотребите, нивната примена е ограничена, а јавноста има ниска доверба во правосудството. Пријавени се случаи на несоодветно однесување на јавни функционери кон новинари и недоволна транспарентност во трошењето на државните средства за рекламирање.
Во делот за работничките права, забележани се недоволна заштита на синдикалното организирање, неефикасно спроведување на законот за минимална плата, прекувремена работа и стандарди за безбедност при работа, особено во текстилната и градежната индустрија. Голем дел од работната сила во неформалната економија останува без правна заштита.
Извештајот содржи и податоци за прекумерна употреба на сила од полицијата, со 37 пријави во првите седум месеци, од кои три се потврдени. Наведени се случаи на рани бракови, претежно во ромската заедница, како и слабости во заштитата на бегалците и барателите на азил, вклучително и присилни враќања без соодветна правна постапка.
Американската администрација заклучува дека и покрај уставните гаранции, во практика постојат системски предизвици кои ја поткопуваат заштитата на основните човекови права во земјата, барајќи посилни институционални механизми, независни медиуми и транспарентно управување за да се обезбеди владеење на правото и почитување на човековите слободи.