[Став] Зошто толку сум ги бранел бегалците

По вчерашниот текст кој го објавив, на социјалните медиуми добив десетици негативни коментари, закани и што се уште не, зошто толку сум ги бранел бегалците. Затоа, одлучив дека сакам да одговорам на (не)конструктивните критичари.

Пред да напишам уште еден збор, морам да потенцирам дека јас сум студент по медицина. За мене хуманоста е дел од работата, односно втора природа. Дури и најголем криминалец да ми го донесат, ќе го лекувам. Не е моја работа да глумам Господ или судија. Не е ниту твоја. Не е ничија.

Па, ајде да почнеме со најчесто поставуваните критики:

1. „Земи си ги дома, ако си толку паметен!!!!“

Не можам ни да почнам да објаснувам колку е глупав и злонамерен овој коментар. Никој од никого не бара од тебе да вдомуваш некој. Сите сме сиромашни во нашава мала држава, луѓето едвај свои фамилии ги гледаат, не па уште 4 усти да земеме. Да не зборам што бегалците не ни сакаат на ваков начин да бидат гледани. Голем дел од нив патуваат со доста финансии, со пасоши, документи, со завршени факултети. Ова се луѓе кои се способни и желни да допринесат во новите општества до кои сакаат да дојдат. Бараат шанса да се докажат, а не рака што ќе ги храни, го можат тоа и самите.

2. „Сите од нив се терористи / муслимани, се тепаат, колат…“

Ни во најлудите кошмари ова пак нема да биде точно. Едноставно и да сакате вие, ИСИС немаат толку борци. Во пикот на ИСИС, кога контролираа највеќе територија, имаа околу 50.000 борци. Најверојатно таа бројка е доста опадната во последниов период, со оглед на тоа што настрана од тоа што медиумите го објавуваат ИСИС има значително ослабено.

НО, да бидеме фер, висока е можноста во сите тие илјадници луѓе што поминуваат/поминаа низ нашата територија неколку десетици да бидат борци на ИСИС. Не ги прави тоа сите брутални убијци на Исламот и Џихадисти. (Ако читате повеќе ќе видите дека ИСИС всушност воопшто нема ни врска со Ислам)

3. „Ама прободеа полицаец во Гевгелија!!!“

Вестта, најверојатно беше намерно пуштена, за да се оправда чинот на бруталност на МВР и војската на границата. Истата беше демантирана од МВР веднаш после акцијата. Линк тука.

4. „Ја уништија Гевгелија!!!“

Да, апсолутно се согласувам со оваа реченица и можам да кажам дека длабоко жалам за тоа што го трпат нашите сограѓани. Но, да се потсетиме кој е крив за ова? Зошто властите, како локални така и централните, не сторија нешто порано? Бегалците доаѓаат во РМ и умираат на шини повеќе од 6 месеци. Целата светска експертска јавност уште од Ноември 2014 година предупредуваше дека ова ќе се случи.

Но, како и снег во јануари, нас бегалската криза не’ фати апсолутно неподготвени.

Така што не, не е дека не се грижам и за моите сограѓани, но наместо да ги обвинуваат само бегалците, треба вината да ја префрлат на владата што не сакаше да ја регулира кризата со време.

5. „Само Македонија ја кривиш, гледај ЕУ што прават!!!“

Апсолутно не! ЕУ е далеку многу покрива за се’ што се случува, отколку нас. Ние во споредба со нив сме цвеќенца за мирисање. Длабок срам е ова за некоординираната ЕУ.

6. „Нема место во Р.М. за да ги собереме сите мигранти, како ќе ги храниме?“

Никој не го бара тоа од нас. Уште од самиот старт ние одлучивме дека ќе бидеме само транзитна зона. Да не зборам што многу од бегалците не ни сакаат да останат во Македонија. По ѓаволите, Македонците не сакаат да останат тука, зошто бегалците би седеле?

За крај само можам да кажам дека лош пример не се зема за пример, од историјата треба да се учи, а не да се повторува. Тоа што еден куп луѓе, со право, ме навратија на бегалските кризи со Егејците и со Србите ми е мило од аспект дека треба да се сеќаваме на тие грешки. Треба да учиме од тие грешки. За жал, се чини, немаме стигнато до тоа четиво. Нема ни ЕУ. Сите страни се подеднакво криви… ама најмногу ЕУ.

Извор