[Став] За протестите во Македонија и светот

По најавата за предизвикување институционална криза, односно непризнавање на изборите од страна на опозицијата, останува нејасно какви натаму политички потреси ќе нѐ очекуваат. Една од опциите се и протестите. Се разбира, ако постои критична маса за тоа (апатијата произлезена од разочараноста од изборните резултати не смее да се потценува), пишува Ѕвездан Георгиевски за Окно.

[Став] За протестите во Македонија и светот

Протестите се актуелизираат и од прозаичниот факт што се наоѓаме пред Први мај, празникот на трудот, кој секаде во светот (во една Шведска, на пример) се одбележува со протести и барања за поголеми работнички права. За волја на вистината, нашата најголема синдикална унија, Сојузот на синдикатите на Македонија, со години наназад, поточно откога е оваа гарнитура на власт, смета дека работничките права се застапени на задоволително ниво (!), па упорно одбива да организира какви било протести. Додуша, левичарските движења „Солидарност“ и „Ленка“, заедно со уште неколку синдикални организации: Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија закажаа протестен собир за Први мај, па останува да се види дали доволен број луѓе ќе го жртвуваат традиционалниот излет наспроти барањата поголеми права и поправедно општество. Уште повеќе, што фамозните „Анонимуси“ за Први мај најавуваат и повикуваат на буквално светски протест.

Сепак, и покрај сите социјални, статусни, општествени, па и животни понижувања што ги поднесува мнозинството од овдешното население, се чини дека прагот на толеранцијата во Македонија е доста високо поставен. Во споредба, на пример, со соседните држави, Македонија тешко може да се пофали со некаква посериозна традиција во овој вид граѓански отпор. Во историските читанки се забележени штрајкови и демонстрации од времето на Кралството Југославија, односно од првата половина на минатиот век. Во социјализмот, практички и не се размислуваше за вакви обиди во докажувањето на сопствената правда. На пример, и славната студентска 1968 година во Скопје беше прескокната.

Добро, ако може да ѝ се верува на лажливата меморија, некаде кон крајот на 70-тите години од истиот тој век, кратовското претпријатие „Иднина“ го имаше најдолгиот штрајк во историјата на социјалистичка Југославија. Причина за штрајкот беше насилното припојување кон уште тогаш премоќниот „Силекс“, со кој и тогаш владееше незаменливиот Ѕинго. Останаа запомнети и штрајковите во Железницата, а првиот вистински масовен протест се случи во средината на 80-тите години, кога вработените од скопска Железарница излегоа пред Собранието на СРМ. Во југословенско време остана запомнет и протестот за „случајот Вевчани“, а на самиот распад на земјата протестот поради погибијата на војникот Сашко Гешовски во Сплит, практично првата жртва на југословенските војни.

Во плуралистичка Македонија, освен традиционалните протести на стечајците и оние за поскапувањата на парното греење и струјата, помасовни и поупорни беа протестите по повод убиството на младиот Мартин Нешковски, како и протестите по случувањата на 24 декември 2012 година.Сепак, по своите карактеристики два протеста ќе останат запомнети како преломни. Едниот е протестот на средношколците против отворањето група на албански јазик на Педагошката академија, а вториот е протестот на студентите против изградбата на црква на скопскиот централен плоштад. Првиот остана запомнет по неговата директна политичка инструираност (денес тоа дефинитивно би влегло во категоријата – злоупотреба на малолетници), а дел од неговите водачи набргу направија политички кариери и сега се првенци на владејачката партија. Вториот, пак, ќе се запомни по појавата на ендемскиот македонски феномен – контрапротести, при што контрапротестантите беа повеќекратно побројни и прилично насилни.

Протестите на скопскиот плоштад останаа забележени и како единствени во кои дојде до физичка пресметка. Не со полицијата, ами со контрапротестантите. Полицијата во сите овие протести има употребено еднаш или два пати по еден пендрек и некои кошкања, како во случајот на протестот на новинарите поради апсењето на Томислав Кежаровски. (Се разбира, тука не ги сметаме насилните протести против политиките на странските држави, односно нападите на грчкиот конзулат и американската амбасада).

Со други зборови, Македонија е една од ретките земји, каде што протестантите стриктно се држат до правилото „мирни протести“. Во суштина, станува збор за оксиморон, бидејќи протестите подразбираат гнев, лутина, адреналин… Да не се разбереме погрешно, не заговараме тука никакво насилство, меѓутоа камерните атмосфери на протестните прошетки навистина не можат никого да убедат во цврстината на ставовите на протестантите.

Целиот текст може да го прочитате на Окно.