[Став] Во дебатата што ја чувме не постоеше аргумент, правила и непристрасен судија

Дора Смилевска

Дебата, особено компетитивна дебата (што накратко во суштина значи дебата со определени правила) повеќе од 2 децении буквално се мачи да биде признаена од формалниот образовен систем.

Не би ни помислила да напишам нешто вакво ама ова е нешто што го правам со години и секој што ме познава знае дека е огромен, ако не и најголемиот дел од мене.

Сакав чисто да споделам што ги учиме нашите средношколци, а и студенти во дебатниот курикулум и да направам една споредба со дебатава што ја чувме меѓу кандидатите за градоначалници:

  Аргумент и елементи на аргумент (Исказ, објаснување, пример, импакт): НЕПОСТОЕЧКИ

  Правила во дебата (секој има свое определено време за говор и не смее да се меша во говорот на противникот, освен доколку противникот своеволно не прифати прашање): НЕПОСТОЕЧКИ

  Непристрасен судија/модератор кој не дофрла, не прикажува наклонетост кон едната страна: НЕПОСТОЕЧКО

–  Товар на доказ (што сака говорникот да докаже со својот говор и аргумент и како ќе ја докаже вистинитоста): НЕПОСТОЕЧКО, воопшто не се ни спомна

Во оваа дебата постоеше само побивање. Да парафразирам, дофрлање, прекинување, повишување на тон. Постоеше побивање во една ужасна, непосакувана, некултурна, невкусна форма со користење на сите можни логички грешки кои постојат. И за тоа ги учиме дебатерите, како да не прават логички грешки. Впрочем, ако не се лажам, ad hominem беше строго забрането во оваа дебата. Strawman успат, или на нашки објаснување: плашило – погрешно претставување на нечив исказ за полесно да може да се нападне. Инаку и враќање на критика одма со критика, и тоа е логичка грешка, ако не знаевте. И тоа што го правеше модераторот, што поставуваше прашања со некаква презумпција, и тоа е логичка грешка. Уште во првата минута се случи една логичка грешка што ние ја нарекуваме false cause или лажна причина. Да ве навратам на приказната – не сме добиле градоначалник во првиот круг само заради тоа што имало мала излезност од народот.

Малата излезност на народот е заради тоа што помладите генерации не веруваат во моменталната политичка консталација. Фала богу дека нема да веруваат.

Жал ми е да кажам дека овие работи нема да ги добиете на ниту едно друго место (чест на исклучоци) освен на дебата. Причината зошто јас се заљубив во дебата е бидејќи беше единственото место каде добивав знаење за реални глобални проблеми, направи да се заинтересирам за што ни се случува во државата, но и да научам како критички да размислувам. Ме мотивираше да се информирам пред да носам одлуки.

Не е ваша вина, конкретно. На сите нас е, бидејќи е и на образованието и на целата држава и на сите политичари што не се грижат да добивате вистински информации.

Не можам да ви кажам за кого да гласате, ама ве охрабрувам – информирајте се, читајте, прашувајте пред да гласате.

Дора Смилевска, младински активист и дебатен тренер

*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ