Малкумина можеби знаат дека човекот што го создал Брајовото писмо, Луј Брај, е роден на 4-ти јануари 1809, а починал на 6-ти јануари 1852 година. Овие два датума го означуваат почетокот и крајот на животот на овој великан за слепите луѓе ширум целиот свет, секој од нив со сопствено значење. Како посветла точка од тие два датума, роденденот на Брај се одбележува насекаде како Светски ден на Брајовото писмо. Меѓутоа, поради состојбата во која се наоѓа ова писмо кај нас, наместо на роденденот, мислам дека е посоодветно овој мој текст да биде токму денес, на одбележување на 174 години од смртта на Брај, за да ја доловам реалноста во Македонија за ова писмо, а вие сами потоа дајте си го одговорот на прашањето во насловот.
Светлите точки за Брајовото писмо кај нас
Да почнеме со она што е убаво. Годинава се навршија 71 година од постоењето на Државното училиште за слепи „Димитар Влахов“ — единственото вакво училиште во државата. Тоа е нашиот стожер за чување и негување на читањето со прсти. Генерации наставници, голем дел од нив и самите слепи, ја создале и ја одржуваат и ден-денес наставата на македонско Брајово писмо.
Добро е и тоа што Националниот сојуз на слепи, заедно со своите здруженија низ децениите постоење, го вклучува Брајовото писмо во своите програми. Повремените акции за набавка на лектири или Брајови брошури во културните и други институции и организации се исто така вредни за пофалба. Не смеам да го заборавам и големиот, огромен број одговорни компании и физички лица кои постојано преку донации го одржуваат во живот Брајовото писмо со набавка на потребните Брајови машини, дисплеи, принтери, па дури и специјална хартија за пишување.
Меѓутоа…
Состојби кои го убиваат Брајовото писмо
За да се има целосната слика, неизбежно е да се зборува за работите што го убиваат ова писмо како најдобар начин за описменување на слепите деца, млади и возрасни. Еве ги 7-те клучни закани по мене:
1. Инклузивното образование и Брајовото писмо – Според она што ми е познато мене, повеќе од 90% од слепите ученици во инклузија се спречени (поради бројни причини) да го учат Брајовото писмо, што мене како слеп човек, но и како наставник ме плаши сериозно. Учењето само по пат на слушање е недолготрајно и резултира со огромни пропусти во совладување на правописот, интерпункцијата, јазичните правила, спелувањето, математичките операции, хемиските равенки и програмирањето.
2. Законски вакуум – Иако Новиот закон за основно образование предвидува посебни програми за Брајово писмо и асистивна технологија, веќе пет години нема ниту креирана, ниту спроведена програма на терен. Истото е и со асистивната технологија — пропишана е во Законот, но не е пропишан начин за нејзино набавување, ниту посебен буџет.
3. Немање каде да се купи што било поврзано со Брајово писмо – Во Македонија нема ниту еден овластен добавувач на Брајови машини, дисплеи, таблички или Брајова хартија. Нема ниту Брајови принтери, ниту најобични испечатени Брајови карти за забава… Нема ништо! Ова е сериозен проблем што никој не го решил веќе 35 години.
4. Апсурдот на ФЗОМ – Фондот не ги смета помагалата за Брајово писмо за здравствени помагала, тврдејќи дека тие не влијаат директно на здравјето. Ова е апсурдно бидејќи неможноста за пишување и читање е предизвикана токму од здравствената состојба со очите.
5. Непостоење на овластен сервис – Нема стручни лица за одржување на скапата технологија. Со децении, наставниците по физичко во училиштето, на волонтерска основа и со голема желба, ги поправаат механичките машини. Но, модерните дигитални системи бараат професионален сервис бидејќи се состојат од цели компјутерски системи и компоненти.
6. Сиромашен фонд на Брајова литература – На ниво на цела држава има не повеќе од стотина наслови. Годишната поддршка од Министерството за култура за 2 до 5 наслови е премногу мала за ние што читаме Брајово да го развиеме на потребното ниво.
7. Запоставена дигитализација – До ден-денес, дигитализацијата на Брајовото писмо се потпира исклучиво на волонтерски ентузијазам и лични иницијативи (како изработката на табелата за „Liblouis“ од моја страна) и уште една-две слични иницијативи пред дваесетина години. Ова не е одржливо и долгорочно решение.
План за акција: Што мора да се преземе веднаш?
За да се случи преродување на речиси умртвеното Брајово писмо кај нас, мора да се насочиме кон следните решенија:
1. Ревизија на инклузијата – Воведување задолжителни часови по Брајово писмо за секој слеп ученик во редовното образование, водени од специјални едукатори/специјалисти за попреченост кој одлично го знаат Брајовото писмо.
2. Доследно спроведување на преземените законски обврски – Итно креирање и имплементација на ветените образовни програми и обезбедување наменски буџет за асистивна технологија (машини, печатари, дисплеи).
3. Субјект за набавка – Основање во рамки на Училиштето за слепи/Националниот сојуз на слепи или поддршка на комерцијален добавувач кој ќе обезбеди непречен пристап до опрема и потрошен материјал (хартија, машини, дисплеи) кои се неопходен предуслов за користење на Брајовото писмо.
4. Вклучување на помагалата како дел од Правилникот за помагала на ФЗОМ – ФЗОМ мора да ги класифицира Брајовите машини и дисплеи како основни помагала неопходни за функционалноста на слепото лице и да престане со практиката на самотолкување на што се помагала, а што не се.
5. Професионален сервис – Отворање на најмалку едно работно место за квалификуван сервисер на Брајова технологија на ниво на држава, најдобро во рамките на Училиштето за слепи, кој ќе го продолжи векот на скапите помагала и технологија што се користат за пишување и читање Брајово писмо.
6. Трајно финансирање на литература – Обезбедување постојан буџет за најмалку 50 нови наслови годишно преку вработување лица чија основна задача ќе биде продукција на Брајови печатени и дигитални книги, учебници и материјали.
7. Сериозна дигитализација – Државно вложување преку поддршка за континуиран развој на табелите за македонско Брајово писмо, локализација на интерфејсите на дисплеите и различниот вид софтвер што се користи во обработката на Брајовото писмо, како и стандардизација на писмото за полесна имплементација во сите современи технологии и во наставата.
Заклучок
Од сè досега можеме да заклучиме дека состојбата со Брајовото писмо во Македонија во овие седум децении има една надолна линија која нагло се влошува. Институциите тивко молчат, повремено си ја префрлаат одговорноста, додека писмото влегува во длабока „кома“.
Како наставник кој го предава Брајовото писмо, но и како Училиште за слепи — единствено од ваков вид во државата — сигурен сум дека ние ќе продолжиме да правиме сè што е во наша моќ ова писмо да опстане. Но, за да заслужуваме како држава достојно да го одбележуваме роденденот на Луј Брај, мораме да вложиме многу повеќе во луѓе, опрема и дигитализација. Дали ќе продолжи сегашното „статус кво“, дали инклузијата ќе го зададе последниот удар, или конечно ќе ни „светне“ на сите за вистинската вредност на Брајовото писмо — зависи од сите нас!
Лично сметам дека само ако му го дадеме потребното внимание, дури тогаш ќе можеме достојно да пишуваме за Брај на неговиот роденден, знаејќи дека неговиот завет — „слепите да учат на свое писмо“ — кај нас живее и не е сведен на маргинална вештина, заборавена од сите.
Кристијан Лазарев, спепо лице, специјалист за пристапност и инклузија, наставник по македонски јазик и литература на слепи ученици и ученици со разни попречености
*Текстот на Лазарев првично е објавен на Linkedin – на 6 јануари 2025
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ



