[Став] Размена на културите – средношколска прошетка низ Германија

Вистински предизвик е да се посети една од најразвиените, водечки земји во светот, која своето влијание успева да го наметне насекаде, но и земја која е богата со убавини и различни нешта кои можат да се видат, а во сопствената земја ги нема или се многу поразлични. Токму Германија беше нашата дестинација овој јули преку програмата за размена на ученици и впечатоците кои ги стекнавме таму се бесценети, пишува за средношколскиот весник „Медиум“ ученичката Ана Јанева, од СУГС Гиманзија „Георги Димитров“.

Нашата авантура во германски стил стартуваше со слетување на аеродромот во Дизелдорф и збунетото возење до Бон во еден од експресните германски возови. Не можам ни да помислам колку време ќе ни беше потребно, ако ова растојание од стотина километри требаше да го поминеме со возовите на нашата македонска железница. Нè дочека земја во која сè функционира најблизу до совршенството, огромен аеродром и воз каков што кај нас не се гледа и тоа беше навистина убав впечаток како за првите часови во туѓа земја.

Првите денови беа дури и најинтересниот дел од патувањето, бидејќи за првпат во животот се сретнавме со наши врсници од целиот свет. Во нашата група имаше ученици од Костарика, Уругвај, Русија, Холандија, Полска и Шпанија, но во останатите групи кои беа истовремено во Германија имаше и претставници од Израел, Канада, Монголија, Швајцарија, Аргентина, Франција, Белгија и уште многу други земји. Беше навистина забавно да се слуша за навиките, обичаите, училиштата, семејствата, слободното време, дружењето, храната и искуствата од останатите земји и така градевме прекрасни пријателствa без да ни пречи различностите околу нас.

Посебен впечаток од прошетките низ Бон ми оставија Природнонаучниот и Историскиот музеј кои, како и сите други германски музеи, се навистина едно посебно искуство, бидејќи таму посетата на музеј не претставува поминување неколку часа изгубено чекорење низ студени и прашливи галерии, туку интерактивно доживување со уникатни експонати и исклучително забавни тури.

Еднодневниот излет до Келн ќе беше многу поубав да не беа временските (не)прилики во полн германски сјај (непрекинат дожд и студ), меѓутоа тоа не успеа да ни го намали уживањето во разгледот на градот, иако нè научи дека она што е лето за Германците, воопшто не е ниту налик на лето за нас.

По пет возбудливи дена во Бон и шестчасовно возење со прочуениот експресен воз, пристигнавме во Келхајм каде на станицата ме пречекаа моите љубезни домаќини. Уште од првиот ден ми беше јасно дека навистина сум имала среќа со моето ново семејство, коешто искрено се потруди во текот на тие две недели ништо да не ми недостасува и да се чувствувам како дома. Моето германско семејство успеа да ми ги разбие сите стереотипи за Германците како студени и воздржани и ме увери токму во спротивното. Заедничките семејни средби, ручеци, заедничкото слободно време, долгите разговори ме уверија дека семејствата не се многу различни иако меѓу двете земји разликите се големи и очигледни. Она што можев да го забележам е големата принципиелност на родителите и почитувањето на правилата од страна на децата. Дури таму станав свесна дека во Македонија децата се креатори на правилата, а возрасните се тие кои најчесто ги следат, барем во поголем број од семејствата.

Заедно со Лаура секој ден одев на училиште и од прва рака дознав како функционира една германска гимназија. Во многу аспекти сметам дека која било од нашите подобри гимназии е супериорна (на пример, наставните програми кои се многу пошироки и сеопфатни, литературата која се обработува има многу подлабоко значење и суштина, амбицијата на учениците и ангажираноста во наставата кај нас е неспоредлива со онаа таму и сл.), меѓутоа она што кај нив е восхитувачко е односот кон спортот и опременоста на училиштето со четири спортски сали, терени за фудбал и кошарка, патеки за атлетика и базени. Сепак, сметам дека наставните програми таму се малку поориентирани кон практичниот живот и она што е вистински корисно, за разлика од поголемиот дел од наставните програми кај нас.

Покрај германското училиште, научив доста и за германската култура, ги пробав најтипичните германски јадења (главно, се сведува на некаква варијанта на свинско месо и компири или тестенини), се борев со застрашувачкиот баварски дијалект (македонски еквивалент би му бил кој било јужен дијалект, ама замислете си дека сте странец кој учи македонски), но и посетив уште неколку градови кои ми оставија навистина силен впечаток.

Космополитскиот Минхен по ништо не заостанува зад германската престолнина и претставува вистински пример за еден современ европски град, кон што би требало да се стремиме. Си го замислив Скопје со брза железница, огромни продавници и безброј туристи.

Од најјужните делови на Германија се упативме кон крајниот север, во Хамбург, каде се судривме со сосема нова култура, нов дијалект и нови убавини. Посебен впечаток ми остави посетата на мјузиклот што мене, како љубител на театарот, ми го одзеде здивот.

Последните пет дена во Берлин беа највозбудливиот дел од патувањето за мене, не поради носталгијата која веќе ме влечеше дома, туку поради уникатниот дух на германската престолнина. Мислам дека немаше агол во овој град што не ме воодушеви. Да се спореди германската престолнина со мојот роден град не беше лесно. Различните култури, историјата, навиките, луѓето ме правеа да се чувствувам далеку од дома.

На еден ден отпатувавме и во Франкфурт на Одра каде што посетивме еден од нивните универзитети и се запознавме со можностите за студирање. Восхитувачка е нивната отвореност за перспективни умови од странство и бесконечната понуда на насоки за студирање. Многу од можностите кои ги нудат би можеле да бидат дел од нашето образование: избор на предмети и комбинирање на подрачја, избор на јазик на кој се следи програмата, можности за размена, студенти од целиот свет.

Разделбата со новостекнатите пријатели од целиот свет секако беше тешка, но по цел месец поминат далеку од дома, човек едвај чека да си ги види и најблиските. На скопскиот аеродром слетав како нова личност побогата за многу искуства, со проширени хоризонти, подобрен германски, познанства на секоја точка од Земјината топка и многу мили спомени за цел живот. Колку и да бев скептична за ваквите програми на почетокот, сега дефинитивно и јас се вбројувам во оние кои топло препорачуваат ваква авантура и потврдувам дека ваквите искуства се најубавите во животот.