[Став] Пријатели, а не храна – Светски денови на фармските животни

По повод Светските денови на фармските животни, здружението Анима мунди преку отворено писмо се обрати кон јавноста со цел да ја предизвика сочувствителноста на луѓето кон животните. Писмото го пренесуваме интегрално:

„Ги сакате ли животните? На овој ден помислете на милиони фармски животни – жртви на денешницата, легалниот масакр на кој се изложени, само бидејќи се немоќни да се одбранат, кои се потценети и сметани за неважни под изговор дека не се човечки вид.

Помислете на теророт кој се премолчува, џвака, одобрува, или плаќа. Дали знаете дека секоја година повеќе од 65 билиони крави, телиња, свињи, кокошки, јагниња и останати фармски животни се измачуваат и колат за да се задоволат незаситните апетити на нас, луѓето. Животот на тие животни е однапред испланиран на парчиња, уште пред да се родат. Тие масовно се одгледуваат за да бидат заклани и потоа конзумирани како храна, како кожа употребена за облека или обувки…Сето тоа се случува далеку од погледите на луѓето, во одалечените кланици на кој ретко кој и помислува. 90 проценти од конзументите не помислуваат за маките, стравот и болката на кутрите животни, родени да бидат убиени. Поголем број од тие луѓе, веројатно никогаш не би ставиле парче месо во уста, кога одблиску би виделе која е вистинската цена на тоа парче, а тоа е животот на животните.

Немојте да бидете пасивни конзументи и свесно дојдете до одлуката како ќе се храните и како ќе живеете! Дали ќе се прехранувате со мртви тела, верувајќи дека месото е здраво и хранливо, сега кога медицината јасно посочува дека месото е причинител на голем број смртоносни заболувања, дека е непотребно. Кога постојат показатели и докази дека биолошки нашето тело е предодредено за растителна храна, кога знаеме дека масовното производство на фармски животни резултира во еколошки катастрофи, загадувања на природата, искористување на и така ограничените ресурси на вода..Откажувањето од месо е доблесна одлука која, како домино ефект, повлекува низа хумани последици и придонесува на колективно добро. Добро за животните, кои се најголемите жртви на човештвото, а кои подеднакво на нас и чувствуваат болка, страв, тага и сакаат да живеат. Доколку ова не го знаевте, погледнете некој видео клип за фармско одгледување, или колење и се ќе ви стане јасно. Она што вам неминовно ќе ви предизвика огромен стрес само затоа што гледата, е нивната реалност и судбина.

Затоа размислете што ќе одлучите да јадете денес. Придружете се на се растечката бројка луѓе кои одлучуваат да не партиципираат во суровоста и увивањето -станете вегани или вегетаријанци. Сторете го тоа за себе, планетата земја и сите гладни и жедни луѓе на светот – сторете го тоа за животните“, повикуваат од Анима Мунди.