[Став] Годишно на патиштата и јавните простори ни се случуваат по две дискотеки „Пулс“

За жал актуелно e, повторно, па потсетувам на црните сообраќајни податоци на Државниот завод за ревизија (ДЗР), објавени пред некој месец, а кои се однесуваат на периодот 2020 до 2023 година.

Во овој период во Македонија се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица.

Во последната ревидирана година, 2023-та, загинале 113 лица, што во превод значи скоро две дискотеки „Пулс“. Претходната, 2022 уште повеќе – 121 лице. Прашањето е: тоа ќе го прифатиме како нешто редовно и вообичаено? Ќе бидеме неми сведоци на црната статистика? Чичко Југо, Фросина, Викторија, стотици други… сите си отидоа од сообраќајки.

Извор: ДЗР

Спроведената ревизија на ДЗР утврдува: целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајки не е намален до просекот во државите членки на ЕУ (сметано на милион жители).

„Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30% не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категорија ‘млад возач’. Бројот на сериозно повредени лица во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 % во однос на 2009 кога истиот изнесувал 985 лица. Бројот на деца – жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“, стои во извештајот.

Извор: ДЗР

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се ефикасни за намалување на жртвите. Нова национална стратегија за безбедност во сообраќајот нема, а последната, за периодот од 2015-2020, не била ефективна.

Исто така, потрошени се големи средства, повеќето заеми, за повеќе проекти, кампањи и изработка на стратегии за транспортот и безбедноста, а целите – повторно не се постигнати.

Потсетувам и на апелите на иницијативата НаТочак, кои реагираа на небезбедни сообраќајни решенија, брзо возење, ширење булевари без концепт, толерирање бесправно паркирање, тераси на јавни простори… Листата е долга, а тоа пешаците и велосипедистите секој ден го гледаат и го живеат. Одново и одново.

Оттука, разумен е сомнежот за мерката „кампањско казнување“. Покажување сила само моментално да се намали и амортизира граѓански револт. И, после си цепаме по старо.

Наместо тоа, треба да се влезе ударно, поинтензивно, систематски, постојано. Да се знае дека има последици за однесувањето на улиците.

Архивско фото: Радио МОФ

Сообраќајот и безбедноста се науки, не се прашање на лично мислење и полуедуциран став, иако за жал се сведува на тоа и на проста политичка борба. А некако сите како да знаеме точно што треба да се направи.

Затоа активистите главна порака упатија до кандидатите за градоначалници, во очи на локалните избори што ќе се случат оваа година. Особено што никој од сегашните градоначалници или потенцијални кандидати, ниту понудил ниту дискутирал за „Визија за нула жртви“ во сообраќајот.

„Имаат голема можност, шанса да направат суштински промени. Имаме еден едноставен предлог: зошто не се качите една недела на точак? Да ги паркирате колите и да видите со што се соочуваат велосипедистите, пешаците, родителите кои туркаат колички, лицата со попреченост и сите оние оние што не се во удобноста на колата. Време е и останатите да се изедначат со приматот што постои во нашиот град, а тоа е автомобилот“, посочија од НаТочак.

Бојан Шашевски