Скопје 2024: Кандидат за европска претстолнина на млади – неуспешна мисија
Скопје 2025: Домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал – неуспешна мисија
Скопје 2028: Европска престолнина на култура – неуспешна мисија во најава
Кога Скопје ја доби честа да биде домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) 2025, очекувањата беа големи. Конечно, можност за нашиот град да добие доза на живот и да блесне на европската спортска мапа, да го зајакне младинскиот спорт и да испрати порака дека сме подготвени за настани од ваков ранг. Но по завршувањето на фестивалот, останува прашањето – што всушност добивме?
На хартија, ЕМОФ е настан од исклучително значење – платформа за младите, промоција на спортот, нови соработки. Но на терен, одекна со празни трибини, скромен одзив на граѓани, минимална информираност и ограничено учество на младите од дома. Колку од учениците во Скопје знаеја дека се случува овој настан? Колку средношколци беа вклучени како дел од организацијата, програмирањето или како публика?
Иако сликите од отворањето беа спектакуларни, со пиро-техника, познати имиња и европска реторика, суштината на самиот настан остана закопана под слоеви од лоша организација, нетранспарентни трошоци и сериозно отсуство на млади – токму оние за кои наводно фестивалот се организираше.
Во време кога младинското учество е клучен предизвик, ЕМОФ остана на дистанца од младите во својата сопствена земја. Наместо да биде можност за нивно активно ангажирање – во спорт, култура, волонтерство или медиуми – се чини дека беше повеќе затворен меѓународен настан отколку локален празник. Освен неколкуте волонтерски позиции, ретко кој млад човек имаше реална можност да влијае на тоа како изгледаше фестивалот, какви активности ќе има и каква порака ќе се испрати. ЕМОФ беше настан организиран од возрасни, за политички поени, под закрулата на младинска спортска енергија.
Но, младинското учество изгледа е прашање од повисок ранг. Она што треба да не загрижи се елементарните услови за егзистенција и развој на младите во нашата држава. Спортисти беа сместени во импровизирани капацитети без основни хигиенски и климатски услови – со неисправни клими на 40 степени, недоволна храна и логистички хаос. Во ситуации кога младите треба да се чувствуваат безбедно, поддржано и мотивирано, им беше понудено токму спротивното – импровизација, занемарување и игнорантност. Иако можеби тоа беше момент на неверување за европските делегации, сепак тоа е секојдневието на македонските студенти, ученици и спортисти. Со години наназад гледаме толку многу пресови и најави за реконструкција на студентските домови, од една политичка елита до друга, достоинствените услови за живот на младите во државата никако да дојдат.
Покрај тоа, транспарентноста на буџетот и ефектите од настанот останаа недоволно објаснети. Колку чинеше ЕМОФ? Колку од тие пари беа инвестирани во инфраструктура што ќе се користи по фестивалот? Колку во програми што ќе го развиваат младинскиот спорт долгорочно? А колку во маркетинг што едвај допре до јавноста? Во земја каде младите секојдневно се борат со невработеност, одлив на мозоци и запоставени спортски капацитети, овие прашања не се само административни – тие се суштински.
Она што најмногу заморува е чувството дека – како и секогаш – политиката мора да се втурне во сè. Дури и кога станува збор за младински спортски настан, повторно доминираа политички пораки, позиционирања, па дури и партиски надмудрувања. Наместо ЕМОФ да биде простор каде младите, спортот и заедништвото се во прв план, тој се претвори во уште една сцена за политичка надмоќ. Но, одговорноста за тоа не паѓа само на Градот Скопје или на Министерството за спорт. Ова е системска култура на функционирање – каде секој настан, без разлика на неговата природа, се сведува на политичка пресметка. Сите носители на власт – на централно, локално и институционално ниво – треба да одговорат: зошто дури и младински олимписки фестивал не може да помине без партиски интереси и политички режија?
ЕМОФ си замина, но остана едно прашање: дали ова беше вистински инвестирање во младите – или уште еден настан без корен во нашата реалност?
Во време кога младите масовно ја напуштаат државата, кога недовербата во институциите е на највисоко ниво, не смееме да дозволиме уште една испуштена шанса да помине без одговорност. ЕМОФ 2025 требаше да биде симбол на нова младинска енергија. Наместо тоа, беше само уште едно потсетување дека на оваа државата не и’ е грижа за младите.
Филип Ивковски, младински активист
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.