[Став] Ајде да спасиме животи

Дамијан беше паметно дете, омилен другар и успешен спортист. Потекнуваше од добра фамилија и се чинеше дека неговата судбина не предвидуваше дека тој ќе стане зависен од дроги. Сепак на 22-годишна возраст Дамијан почина поради предозирање со хероин. Тоа се случи во февруари 1997 година во Австралија и денес две децении подоцна неговиот татко Тони, кој работи како психотерапевт, е познат гласноговорник на програмите за намалување на штети од употреба на дроги, вклучувајќи ги и собите за употреба на дроги. Го слушав на една конференција пред 2 години. „Секако, претставуваше шок, иако бевме свесни дека употребата на хероин може да предизвика смрт“, рече тој. Пред смртта, Дамијан се обидувал да се одвикне. Татко му изјави: „Тоа е иронијата со употребата на хероинот, луѓето често умираат дури се обидуваат да се излечат. Подоцна дознав дека не постои ниеден смртен случај во соба за употреба на дроги во светот, иако постојат многу случаи на предозирања.“

Токму тогаш Тони ја прифатил идејата за соби за безбедно инјектирање. Во Америка сè уште не се легални, но во светот постојат повеќе од 100 соби за безбедно инјектирање во земји како што се: Канада, Шпанија, Германија, Холандија, Данска и Норвешка.

Целта на собите за безбедно инјектирање е да се овозможи побезбедна средина за луѓето кои инјектираат дроги. Персоналот во овие места е секогаш достапен да едуцира за начините на безбедно инјектирање, а се нудат и бесплатни стерилни игли и шприцови. Од суштинско значење е достапноста на налоксон, кој се користи во случаи на прекумерна употреба, односно предозирање, со што се превенираат фатални последици.

Очекувано е да постои одредена доза на отпор кон собите за инјектирање, но Тони одигра значајна улога во промената на јавното мислење во Австралија.

Годината кога почина Дамијан, Владата на Австралија излезе со предлог со кој на лекарите ќе им се овозможи да пропишуваат хероин, но австралискиот премиер стави вето на предлогот. Сепак периодот беше погоден за воведување програма за намалување на штети од употреба на дроги и Тони преземал конкретни мерки кон нејзино остварување. Испратил писмо до локалниот весник во кое ја опишал смртта на синот со цел да посочи колку непотребна била таа. Весникот го објавил натписот на насловната страна по што се отворила жестока дебата на оваа тема.

По четири години минати во лобирање и во застапување, во 1999 година во Австралија се отвори првата соба за безбедно инјектирање. По тој повод Тони изјавил: „Многу сум благодарен што ги добивме собите за безбедно инјектирање“, додавајќи, „патот до победата не беше лесен затоа што имавме многу противници“.

Сепак, генерално најголемата пречка не се спротивставените мислења, напротив, најчесто тоа е апатијата. „Поголемиот дел од јавноста не покажува никаков интерес“, вели тој. „Не се ниту за, ниту против. Овој проблем воопшто не ги засега.“

Како Австралија, така и Германија отвори соби за безбедно инјектирање во 1994 година при што историјата за напорите за намалување на штетите од употреба на дрога во градот беше документирана од страна на друг учесник во панел-дискусијата, поранешниот координатор за дроги на Франкфурт, Вернер Шнајдер. Првите почетоци на програмите за намалување на штети во Франкфурт всушност потекнуваат од 90-тите години како одговор на драстичниот пораст на употребата на хероин. Првичниот период на истражување набргу премина во отворање соби за безбедно инјектирање.

Шнајдер вели: „Најзначајниот резултат од програмата претставува огромниот пад на смртни случаи поврзани со употреба на дрога“. Истовремено криминалната стапка нагло опадна во градот, како и загриженоста кај јавноста за употребата на дроги како широко распространет проблем.

Проблемот со хероин во Ванкувер, слично на Франкфурт, исто така зазеде застрашувачки пораст во 90-тите години. Канадскиот сенатор Лери Кембел – поранешен полицаец и градоначалник на Ванкувер – на јавно обраќање изјави дека смртните случаи од прекумерна употреба на дрога достигнаа невидени бројки, како и пораст на нови случаи на ХИВ и на затворски казни.

По десетгодишно искуство како полицаец и дваесетгодишно искуство како инспектор, на сенаторот Кембел му се смачи од сè поголемиот број смртни случаи, па така во 2002 година се кандидираше за градоначалник.

„Во предизборната кампања се залагав за отворање соби за безбедно инјектирање во Ванкувер“, изјави тој.

Токму тоа и го стори. Сепак, редовното функционирање на единствениот простор за безбедно инјектирање во Северна Америка, „Инсајт за безбедна заедница“, претставуваше проблем. Иако федералната влада на почетокот се согласи на тригодишен период на ослободување од законска одговорност за потребите на програмата, по истекот на првичното одобрување беше неопходно да се започне судска постапка со цел да се продолжи со работа.

Кембел вели дека собите за безбедно инјектирање претставуваат клучен дел од процесот со кој ќе се запре казнувањето на зависниците, а зависноста ќе биде третирана како медицински проблем.
„Зависноста е болест. Таа не претставува кривично дело. Никој не сака животот да го почне со помислата ’Сакам да бидам зависник‘“, вели тој.

„Целиот процес може да се сфати како хуманитарен гест, хуманитарна идеја затоа што сите граѓани се еднакви…, но сепак постојат луѓе кои не се поттикнати од хумани причини, туку напротив, од економски причини“. Но, тоа е сосема во ред затоа што, според изјавите на Кембел, отворањето соби за безбедно инјектирање придонесе до заштеда во буџетот на системот за социјална помош, полицијата и затворските трошоци.

„Така, без разлика дали верувате во филантропија или економија“, заклучува тој, „се работи за проверена идеја. Добра е и време е нешто да се направи“.

Лиз Еванс, медицинска сестра вработена во Инсајт, се согласува. Таа истакнува дека според процените „Инсајт“ придонел да се заштедат 14 милиони долари за 10 години. „Во нашите простори имаме над 2 милиони инјектирања без ниеден смртен случај“, изјави таа.

Со текот на времето заедницата ја прифати програмата. Еванс истакнува дека според последната анализа на јавното мислење, 76 % од жителите на Ванкувер ги поддржуваат собите за безбедно инјектирање.

Самото тоа што ги тргнавме корисниците од улиците придонесе да се создаде подобра средина во близина на просториите, со намален број на јавно инјектирање, но, додава таа, постоењето соби за безбедно инјектирање исто така ги мотивира луѓето да побараат помош. „Доколку нè посетите само еднаш, шансите дека ќе се вратите на детоксикација или на третман се 33 %“, вели таа.

Веројатно веќе ви е јасно што претставуваат собите за безбедна употреба на дроги. Тоа се програми кои им овозможуваат на луѓето кои употребуваат дроги да ја користат нивната дрога на безбедно место, во добри хигиенски услови и под медицински надзор. Главна цел на овие програми е намалување на смртните случаи како резултат на предозирање. Во рамките на програмите, на корисниците на дроги им се даваат дополнителни совети за намалување на штетите од употреба на дроги, се едуцираат и им се нудат разни информации поврзани со нивното здравје. Во 2007 година, во Холандија имаше 32 соби за употреба на дроги, а во 2010 година во 25 градови работеа 37 програми.

Во август 2010 година за првпат имав можност да посетам ваква програма во  Швајцарија. Моето присуство во Женева беше заради друга причина, но си реков кога сум веќе тука не ќе е лошо да видам како функционира една ваква програма. Се јавив на телефонскиот број оставен како контакт на веб-страницата на организацијата и следниот ден се нацртав пред објектот. Тука беше првото изненадување затоа што објектот беше станбена зграда во која имаше  канцеларии на различни фирми, адвокати итн. Се качувам на втори кат и пред врата ме пречекува координаторот на програмата. Влегувам во центарот и со кафе ги добивам првите информации за програмата. Бев изненаден од посетеноста, прилично голема фреквенција, но сè функционираше беспрекорно. Луѓето кои употребуваат дроги добиваа бројче и чекаа ред за да ја инјектираат својата дрога која ја носат со себе во една од трите соби. Доколку имаат потреба им помага медицинска сестра, но чинот на инјектирање го извршуваат самите. Претходно имаат можност да поразговараат со социјален работник, со психолог или со доктор во согласност со нивните потреби и проблеми со кои се соочуваат.  Алберт од Тетово беше единствениот Македонец кој ја посетува програмата и кој со голема впечатливост и благодарност зборуваше за неа.

„Таа ми го спаси животот“, вели, „двапати се предозирав и доколку наместо тука тоа се случеше кај мене дома или на улица, најверојатно денес немаше да бидам жив”. „Во вакви случаи кога некој ќе се предозира, ние веднаш интервенираме и аплицираме налоксон со кој се блокира дејството на хероинот”, се вклучува во муабетот Брижит која е медицинска сестра во центарот. Затоа оваа програма е многу значајна за намалување на смртноста, а со тоа и за подобрување на состојбата на луѓето кои употребуваат дроги. Затоа што само жив корисник на дрога може да размислува за лекување и за интеграција во општеството. Тоа всушност е главната цел на оваа програма, да се спасат животите и да се намали ризикот од крвни преносливи инфекции.

Во октомври 2014 година имав можност да посетам иста ваква програма во Амстердам, која е наменета исклучиво за лица кои се емигранти. Она што е карактеристично за програмата е дека таа се наоѓа во склоп на останатите програми кои ги нуди истата организација. Така, лицето кое употребува дрога во истиот објект, освен соба за употреба на дроги, може да добие и услуги од социјален работник, храна, облека, мотивација за третман, вработување итн. Сето ова зборува дека холандскиот пристап е комплементарен кој, базирајќи се на принципите за намалување на штети, нуди широк спектар на социјални услуги за лицата кои употребуваат дроги и на тој начин потврдувајќи го сфаќањето на употребата на дроги не само како здравствено туку и како социјално и културно прашање.

Според студијата „Drug Consumption rooms in Europe, client experience survey in Amsterdam and Rotterdam“, сите соби за употреба на дроги во Амстердам и во Ротердам нудат услуги од социјален работник, 65 % од клиентите на овие програми ги користеле нив, најмногу за вдомување, одредени финансиски или други бенефиции, како и за помош при вадење на потребните документи. Посебно значаен податок е дека дури 53 % од клиентите откако дошле во оваа програма се пријавиле и во програма за лекување со супститут, најчесто метадон, 25,2 % отишле на детоксикација, а 11,3 % на рехабилитација.

Овие податоци покажуваат дека собите за употреба на дроги, освен спасувањето животи, дополнително влијаат на мотивирањето на луѓето кои употребуваат дроги, пред сè на оние кои се зависни од дроги да донесат одлука да се лекуваат и да имаат подобар и поквалитетен живот.

Влатко Деков

Извор: ХОПС

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.