Во новиот број на рубриката ,,Старо-Нова Македонија”, се навраќаме во пролетта 1945 година, кога само неколку месеци по ослободувањето, граѓаните на Македонија за првпат масовно излегуваат на избори и гласаат за новата власт. Овие избори се историски и по уште една причина: за првпат жените во Македонија добиваат право на глас и право да бидат избрани.
Со тоа, политичкото учество станува право на сите полнолетни граѓани, без разлика на полот – значаен чекор во создавањето на новиот општествен и политички поредок.



Изборите биле организирани со цел избор на селски, градски и реонски народни одбори, новите локални органи на управување кои треба да ја заменат старата администрација и да ја постават основата на новата власт. Поради тешките услови по војната, гласањето не се одржува во еден ден, туку поетапно низ целата земја, во периодот од 11 до 25 март 1945 година.

Во Скопје, како најголем град и административен центар, изборите се одржуваат нешто подоцна – на 1 април 1945 година, поради дополнителните организациски подготовки.

Во атмосфера на обнова и надеж, овие избори претставуваат еден од првите практични чекори во изградбата на новата македонска држава. Преку изборот на народните одбори се воспоставува локалната власт и се поставуваат темелите на институциите што ќе ја водат земјата во годините по војната.


*Радио МОФ ја реализира рубриката ,,Старо-Новa Македонија” во чест на триесет и пет годишнината од независноста на државата, со цел преку архивски страници на првиот дневен весник ,,Нова Македонија” да дадеме увид во процесот на создавање и развој на македонската држава.



