ССМ одржа блокада пред Собранието, работниците бараат исполнување на барањето за минимална плата од 600 евра

Сојузот на Синдикатите денес ја одржа првата блокада која започна во 9:00ч. пред Собранието. На блокадата беа упатени критики кон работата на пратениците и нивната неажурност по однос на како што велат од синдикатот најважното прашање за работниците, а тоа е зголемувањето на минималната плата на 600 евра, како и линеарно зголемување на останатите плати за 6000 ден. Од синдикатот најавуваат дека блокадите ќе продолжат веќе во четврток, за кога најавуваат блокада пред зградата на Стопанската комора, додека на 17 февруари, доколку не се исполнат нивните барања, најавуваат и блокадата пред зградата на Владата.



 Блокадата се одвиваше пред Собранието на Македонија, односно на улиците ,,11-ти Октомври“ и ,,Даме Груев”, оневозможувајќи им на пратениците пристап со службени или приватни возила до паркингот на законодавниот дом. Целта на ваквиот чин е како што истакнуваат од Синдикатот, да ги оневозможат пратениците тој ден да наплатат патни трошоци. Дел од пратениците денес во Собранието пристигнаа пред да започне блокадата, а ваквиот потег Слободан Трендафилов, Претседателот на ССМ, го нарече срамен чин на пратениците, кои според Трендафилов немаат храброст да се соочат со работниците.

Во своето обраќање, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги потенцираше барањата од кои како што велат не отстапуваат, а од пратенициите како и од Владата побара во најбрз можен рок истите да бидат исполнети. Во спротивно, како што велат, блокадите и протестите на работниците ќе продолжат и во наредниот период.

Исмет Шабановиќ за Радио МОФ