Срушени рекорди во Австралија – се очекуваат екстремни температури

Прогнозата за австралиските Одналта и Порт Аугуста предвидува температури до 48 степени Целзиусови, а западните предградија на Сиднеј да достигнат 45 степени, објави Гардијан.

Од среда се очекува да се срушат досегашните декемвриски топлински рекорди во Австралија, додека топлотниот бран се движи преку Јужна Австралија кон Викторија и Нов Јужен Велс.

Нов Јужен Велс е ставен под целосна забрана за палење оган од вторник до полноќ во сабота, бидејќи пожарникарите се борат со повеќе од 100 пожари што горат околу државата, вклучувајќи ги и  400.000 хектарскиот мегапожар на планините Госпери во националниот парк Волеми во Сините Планини.

Чадот од овој пожар се предвидува да „легне“ густо над Сиднеј во среда наутро, а во четврток да прелета и до 3 километри нагоре во атмосферата, кога топлотниот бран ќе го зафати западен Сиднеј.

Екстремни опасности од пожар се предвидени за поголемиот дел од Сиднеј, Илавара и јужните области во четврток. Тибубара, мал град во подалечниот северо-западен дел на Нов Јужен Велс, од понеделник ќе достигне температури над 40 степени, и се очекува таа температура да остане до Божиќ.

Досега на таа станица како најжешки температури се регистрирани 41,5C на 11 февруари во 2017 година, катастрофалниот ден на кој пожарот на Свети Иван запали 55.000 хектари со грмушки и обработливо земјиште, и уништи 35 куќи околу Уарбри во горната долина на Хантер.

„Прогнозата предвидува дека Батурст ќе го надмине рекордот во декември со прилично голема маргина, со врвни температури од 41С. Да се има вакви нивоа на температури во овој период од годината, а не во шпицот на летото, туку во средината на декември, е нешто прилично големо“, рече Боб Тагарт, постар прогнозер на Бирото за метеорологија во Сиднеј.

Три од четирите најжешки години во Австралија се случија во изминатите шест години, а сите четири се случија во изминатите 15 години.

„Така, како што велат научниците за климата веќе 20 години, можеме да очекуваме почести бранови на топлина и посериозни бранови на топлина, а ова е секако пример за тоа“, додаде тој.

Целосна забрана за оган, исто така, ќе се спроведе и во регионот Вимера во Викторија. Останатиот дел од државата, вклучително и регионот Мале, кој утре ќе ги достигне врвните температури од 43 С во Милдура, исто така се оценети со голем ризик од опасност и пожари.

Во Мелбурн пак, се очекуваат температури до 39 C во среда и 41 C во петок, тогаш кога Милдура очекува да го доживее досега најжешкиот декемвриски ден од 47 C.

„Ќе биде топло до крај“, рече Кристи Џонсон, дежурен прогнозер во Бирото за метеорологија во Викторија.