Српските студенти ќе пешачат од Белград до Нови Сад за годишнината од уривањето на настрешницата

Студентите во блокада најавија дека на 30 октомври ќе тргнат пеш од Белград до Нови Сад, во знак на сеќавање и солидарност со жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад, пренесува Н1.

На нивната Инстаграм страница, студентите објавија дека се пријавиле повеќе од 4.000 учесници, меѓу кои и средношколци.

„Нашиот тим дава сè од себе да обезбеди безбедност, сместување и основни услови за сите кои ќе пешачат. Ги молиме граѓаните кои сакаат да ни се придружат тоа да го сторат самостојно, со сопствено сместување и логистика,“ наведоа студентите, додавајќи дека не можат да преземат одговорност за сите учесници.

Студентите најавија и голем комеморативен собир на 1 ноември во Нови Сад, по повод годишнината од трагедијата.

Во меѓувреме, студентите од Државниот универзитет во Нови Пазар веќе тргнаа кон Нови Сад и планираат да пешачат 16 дена за 16 жртви.

Мета.мк