Српскиот актер Небојша Глоговац: Не судете им на луѓето додека не ги запознаете

„Одредници како што се Србин, хомосексуалец, Хрват, хетеросексуалец… всушност се погубни, дури откако ќе запознаеме еден човек, тогаш дознаваме нешто за него“, смета српскиот актер Небојша Глоговац, еден од протагонистите во филмот „Устав на Република Хрватска“, во режија на Рајко Грлиќ. Познатиот актер, во интервју за Танјуг, нагласува дека секогаш се стреми кон тоа следната негова улога да биде исчекор во нешто ново и неистражено.

„Се обидувам да играм интересни, интригантни луѓе чија судбина ме инспирира како уметник. Во филмот на Грлиќ играм професорот по историја во пензија Вјекослав Краљ, кој е деклариран геј и чиј љубовник починал пред една година. Вјекослав се облекува во женско секоја ноќ и оди да пие во спомен на неговиот љубовник. Всушност, тој пие пијалак со самиот себе“, вели Глоговац.

Тој истакна дека тоа е само рамка за приказната на малцинствата, обесправените, различните.

„Поделбите помеѓу луѓето им даваат сила на подлеците за лична корист и цел. Пред премиерата на филмот во Загреб имаше многу скептицизам и коментари како тоа Србин може да игра пургер (поим кој се користи за жителите на Загреб), но тоа се сведе на чаршиски муабети. Луѓето кои го изгледаа филмот сфатија колку е тој над сите поделби“, рече Глоговац.

Тој го пофали Рајко Грлиќ како режисер со зборовите дека од него не може да се очекува евтина приказна.

„Кога го прочитав сценариото сфатив дека имам прилика за одлична улога и одличен филм“, додаде српскиот актер.

„Некогаш имам впечаток дека нашите животи се толку бесмислени што сме како хрчаците во кафез кои се вртат во круг. Од брзање за пари за да ги платиме кредитите, ние забораваме на децата, на душата, на љубовта. Мислам дека тоа е катастрофално, бидејќи напредокот на човековата раса не претставува автомобилите кои возат брзо и тони информации со кои сме затрупани. Овој филм ни покажува како да се спротивставиме на тој апсурд што го зафати целиот свет“, подвлече Глоговац.

Целото интервју може да се прочита на следниот линк.