Средношколци од Скопје и средношколци од Скадар денеска во ЈБТ беа дел од програмата „Традиции што нè поврзуваат: Заедно го градиме утрешниот ден“

Денеска во Средното училиште Јосип Броз се одржа настан посветен на заедничко културно истражување на обичаите во Македонија и Албанија. Учесници на неформалниот настан кој беше посветен на дружење, креација и изработување на маски во духот на „Денот на шегата“ беа ученици од Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ и ученици од средното училиште „28ми Ноември“ од Скадар Албанија.

Нанеформалната дружба присуствуваа и дел од наставниците, претставници на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) во Скопје, амбасадорката на Германија во Македонија, министерот за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, како и други претваници на дипломатскиот кор и засегнати субјекти. Настанот го отворија ученичките Ева и Еден, Ева им посака добредојде на учениците од Албанија и изрази задоволство што нејзиното училиште е домаќин на ваков значаен проект во кој се разменуваат искуства и младите луѓе, но и се запознаваат и доближуваат двете култури. Еден, како претставничка на гостинскиот тим на учениците од Албанија, истакна дека во иднина би сакала да биде дел од повеќе вакви проекти во кои ќе има можност да стекнува пријатели надвор од границите на нејзината држава.

Присутните ученици и претставници од институциите на средбата разменуваа искуства и мислења, додека работеа на креативно изработување на маски во духот на денешниот „Ден на шегата“. Организаторите на настанот од RYCO, потенцираа дека нивната идеја е да ги спојат двете култури во што е можно понеформален контекст, за во една опшутена и пријатна атмосфера, учениците разговараат, разменуваат идеи и склучуваат соработка.

Преку активноста, како дел од нивната програмска агенда „Традиции што нè поврзуваат: Заедно го градиме утрешниот ден“, учениците имаат заедничко културно истражување на обичаи, кои иако не се инхерентен дел од културата и традицијата на учениците (младите) од дветеземји, сепак се прифатени како воспоставена пракса во нивните заедници, велат од RYCO.

Шемата за размена на „Суперучилишта“ од Западен Балкан е кофинансирана од Европската Унија и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ), а имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.

Во рамките на овој четврти повик од програмата, доделени се вкупно 50 проекти преку кои 100 средни училишта од Западен Балкан ќе можат да придонесат за остварување на мисијата на RYCO во регионот во следниот период. Дваесет и три (23) средни училишта од С. Македонија преку четвртиот повик се вклучени во спроведувањето на програмата, заедно со нивните партнерски училишта од другите договорни страни на
RYCO од регионот на Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.