Средношколците во посета на Општина Карпош

DSC_0822Триесетина средношколци од Скопје, членови на клубовите „Учиме право“ на Младински образовен форум беа во двочасовна посета на Општина Карпош со цел младите да се запознаат поблиску со работата на Советот и градоначалникот, како и секторите кои постојат во општината.

За време на оваа посета, средношколците беа пречекани од страна на градоначалникот  Стевчо Јакимовски и беа информирани за надлежностите на Општината, на кој начин граѓаните може да ги остварат своите права и како младите можат да поднесат претставка и иницијатива.

Градоначалникот зборуваше за улогата на локалната самоуправа во демократското општество и посочи:

“Локалната самоуправа има огромно значење бидејќи е најблиску до граѓаните, таа се среќава со најважните проблеми на граѓаните и затоа е неопходна натамошна децентрализација и пренесување на што повеќе функции на локално ниво”

На средношколците, покрај градоначалникот им се обратија: Претседателот на Советот на Општина Карпош г-динот Трифун Трифуновски кој ги запозна со работата и составот на Советот, г-ѓа Благица Блажевска раководител на Одделение за просторно и урбанистичко прланирање која ги информираше за просторното и урбанистичко планирање и г-ѓа Виолета Цветковска, раководител на Одделение за односи со јавност која говореше за огромната улога на јавноста и отвореноста на Општината кон граѓаните.

Резултатите од истражувањето „Капитулација, конфузија или отпор: Социјалниот капитал на македонскиот средношколец„ кое МОФ го спроведе на ниво на Р. Македонија, ја покажува исклученоста на младите од процесот на донесување на одлуки. Имено средношколците се скептични дека на било каков начин можат да помогнат за да се решат локалните проблеми, повеќе од две третини од средношколците сметаат дека ништо односно малку можат лично да променат за да се решат проблемите во нивниот град, додека само 7% од средношколците имаат напишано писмо до институција.

Со организирање на ваков вид активности МОФ придонесува за подобрување на состојбата на младите, но и за зајакнување на комуникацијата помеѓу граѓаните и надлежните власти со што се придонесува кон развивање на демократското и отворено општество.
Во рамки на Учиме право програмата, функционираат 14 клубови во 9 града низ Македонија. Преку интерактивни предавања изградени врз основа на принципите на неформалното образование, средношколците имаат можност да се запознаат поблиску со владеење на правото, со своите загарантирани права и слободи и како истите да ги искористат и заштитат во случај на нивна повреда.

Оваа посета беше реализирана во соработка со Општина Карпош во рамки на Проектот “Локална младинска иницијатива – Младите за отворено општество” имплементиран од страна на Младински образовен форум, поддржан од страна на Фондација Oтворено Oпштество Македонија.

Следната посета на програмата Учиме право ќе биде во четврток 31 јануари во Секретаријатот за Европски прашања со почеток во 13 часот.