Средношколска пресметка кај Транспортен центар, повреден е еден ученик

Еден средношколец е повреден синоќа околу 19 часот кога во близина на автобуската станица кај Транспортниот центар бил нападнат од поголема група ученици.

16-годишникот Н.М. од село Волково се здобил со повреди во главата по што е пренесен во Ургентниот центар, потврдија од СВР Скопје.

Иако не е потврдено, се претпоставува дека станува збор за пресметка помеѓу средношколци од средните училишта во Скопје, „Марија Кири Склодовска“ и „Владо Тасевски“.

Полицијата веднаш излегла на местото на настанот, по што групата напаѓачи се разбегала. Во моментов се работи на расветлување на случајот.

Пред помалку од еден месец, во пресметка меѓу две групи ученици беа повредени 16 годишна ученичка од хемиското училиште и 17 годишен ученик од ПТТ. И тогаш инцидентот се случи околу 19 часот, по завршувањето на втората смена во двете училиштата.

Тогаш како причина за тепачката беше наведена нетрпеливоста помеѓу учениците од двете училишта. Полицијата поднесе кривична пријава за девет лица на возраст од 16 и 17 години, по член 385 – за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Пријави добија ученици и од двете училишта.