Стотици ученици вчера протестираа во Рим и побараа подобар пристап до образование, повеќе училници и транспорт до училиштата.
По 10 месеци онлајн учење вчера беше прв ден во кој средношколците почнаа да се враќаат на настава со физичко присуство, сепак голем дел од нив решија да протестираат.
За најголемиот дел од средните училишта беше дозволено да се вратат само половина од учениците во одделенијата, со цел да се обезбеди поголем простор за безбедно растојание помеѓу нив.
„Наставата на далечина не функционира. Многу семејства не можат да обезбедат дигитални уреди за нивните деца за редовно да посетуваат онлајн часови“, вели средношколецот Симоне Шиазе за Гласот на Америка.
Повеќе средношколски групи и претходниве недели организираа протести во Рим со барање да се отворат училиштата. Италијанските училишта веќе еднаш беа отворени за настава во средината на септември, но набрзо наставата со физичко присуство беше суспендирана поради растот на заразени од коронавирусот во земјата.
Според „Save the Children“ околу 34.000 средношколци се во ризик да се откажат од посетување училиште поради тешкотиите со кои се соочиле во следење на онлајн наставата. Од УНЕСКО пак пресметаа дека повеќе од 10 милиони ученици во Италија се засегнати со рестрикциите во земјата поради Ковид-19.
Вчера Италија регистрираше скоро 9 илјади нови случаи на коронавирусот и 377 починати лица. Вкупната бројка на заразени, од почетокот на пандемијата, изнесува нешто преку 2 милиони и 390 илјади случаи.