Средношколци од „Орце Николов“ организираат размена на облека

Еколошката заедница на скопската гимназија „Орце Николов“ (ЕЗО), следната недела, од вторник до четврток, организираат размена на облека.

„Ако во плакарот имате некое парче облека, обувки, марами, каиши, накит и други модни аксесоари кои ви здосадиле, а се во топ форма, можете слободно да ги донесете кај бината на Орце. Секој што ќе донесе има право и да си земе нешто што му се допаѓа. Главната цел на настанот е размената, а не донирањето, кое е само начин за справување со остатокот. Ние сакаме секој да најде парче кое му се допаѓа“, посочуваат иницијаторите на акцијата.

Облеката ќе може да се донесе во вторник и среда во термините од 7:15 до 7:30 и од 12:45 до 13:00 (пред почеток на прва и втора смена), како и на големите одмори од 09:00 до 9:20 и од 14:30 до 14:50. Шопингот (земањето облека) е во четврток од 12 до 14 часот.

Настанот ќе се случува по пат на систем со ливчиња – секој има право на иста количина на парчиња колку што донел.

Иницијаторите најавуваат дека целата облека која ќе остане, ќе биде донирана.