Средношколци од Македонска Каменица со евроамбасадорот Жбогар зборуваа за образованието и ЕУ интеграцијата

Новите истражувања околу размислувањата на младите, лошиот образовен систем, неквалитетните учебници како и интеграцијата на С. Македонија во Европската Унија беа темите на кои вчера разговараа средношколците од Македонска Каменица со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Учениците од Средното Општинско училиште „Миле Јаневски – Џингар“ беа заинтересирани за причините поради кои земјава не доби датум за преговори во Европската Унија и покрај големиот број на реформи кои ги направи.

„Воведовме многу реформи, го сменивме името на државата, што уште може да направиме, кој е сега проблемот“, праша една од присутните ученички.

Евроамбасадорот Жбогар на ова одговори дека земјава се најде во нефер ситуација, среде преговори за внатрешни промени во ЕУ, но порача дека е неопходно да се направат реформи во земјава.

„Постојат држави кои веќе преговараат за членство во Унија, но земјите не прават никаков напредок. Промените не се случуваат и има внатрешни размислувања во Унијата дека нешто не е во ред со целиот систем. Преговорите со Европската Унија се само алатки како да дојдеме до овие промени. Европската Унија ќе постави нова методологија на преговарање која ќе покаже прогрес во државите додека тие преговараат. Се надевам дека пролетта ќе донесе добри вести“,  одговори Жбогар.

Друга ученичка го изрази своето неверување дека земјава воопшто ќе влезе во ЕУ и зборуваше за лошиот систем на вредности во земјава.

„Јас мислам дека Македонија никогаш нема да влезе во Европската Унија. Ајде да зборуваме за реалноста во Македонија. Тука може да се добие работа без диплома, а поради ова имаме необразувани доктори и луѓето умираат. Имаме необразовани професори кои не знаат да предаваат. Сметам дека целиот систем треба да се промени“, беше една од критиките на присутната средношколка.

Трета соученичка го изрази својот револт кон учебниците од „Кембриџ“ програмата која не соодветствува со условите во училиштето.

„Добивме нови учебници според програмата на „Кембриџ“. Постарата верзија на учебникот имаше повеќе теорија, а поновата верзија имаше помалку теорија и повеќе вежби за практична настава во лабораторија. Ние учиме според поновата, подобра верзија на учебникот, меѓутоа немаме опремени лаборатории за да изведуваме експерименти. Моментално учиме помалку теорија и воопшто немаме практична настава. Воведувањето на „Кембриџ“ програмата е најлошото нешто што се случило на образованието“, се пожали таа.

Евроамбасадорот објасни дека за време на преговорите со Европската Унија, С. Македонија треба полека да ги воведува предложените реформи за полека да стане прогресивна држава. Според него, системот во земјата нема да се смени преку ноќ со влез во ЕУ, туку треба да се работи на реформи во образованието, здравството, почиста околина и подобар животен стандард.

„Членувањето во Европската Унија е стремеж криминалците да бидат затворени, а не да бидат политичари“ – изјави евроамбасадорот.

Ивана Смилевска