Србија се подготвува за Парада на гордоста во недела

Најавената Парада на гордоста во Србија која треба да се одржи на 28 септември (недела), нема да биде забранета од Бирото за координација на службите за безбедност во земјата, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.

Србија се подготвува за Парада на гордоста во недела

Сепак, Бирото го задржува правото да ја промени оваа одлука во следните денови, доколку дојде до проценки дека безбедноста на луѓето е загрозена, пренесе Б92.

Стефановиќ апелираше до граѓаните да го сочуваат редот и мирот и да спречат да дојде до рушење на градот и напади врз полицијата.

Одлуката е донедена на седница на Бирото за координација на службите за безбедност, со која претседавал премиерот на Србија, Александар Вучиќ. Вучиќ преку медиумите порача дека тој нема да присуствува на парадата и тоа е „негов избор“.

Претставникот на Организацискиот одбор на Парадата на гордоста, Горан Милетиќ изјави дека е позитивно што Бирото излегло со став за Прајдот, но сепак загрижува што не е донесена конечна одлука.

– Ваквата одлука и понатаму е неодредена и ги потврдува нашите сомневања дека државата е подготвена да го забрани Прајдот, што е потполно неприфатливо и претставува уште едно кршење на човековите и уставните права кои се загарантирани во Србија“, додаде Милетиќ.

Извор: Б92