СПУКМ ги поддржува законските измени, се побунија дел од професорите

СПУКМ ги поддржува законските измени, се побунија дел од професоритеСтудентскиот парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ смета дека измените на Законот за високо образование, кои по скратена постапка деновиве се носат во Собранието се позитивни. Од друга страна, дел од професорите во изминатите денови гласно се спротивставија на начинот на кој се менува законот, но и на содржината во дел од измените.

„Генералниот став на Студентскиот парламент на УКИМ е дека последните измени кои се предложени ќе водат кон прогрес и кон реформи, кои што допрва треба да видиме како ќе бидат имплементирани. Студентскиот парламент ќе предложи и политики  и активности во врска со овој закон, но за нив подетално ќе известиме на трибината која ја организираме идната недела“, изјави за Радио МОФ Марија Василевска од СПУКМ.

Трибината ќе се одржи во вторник (29 јануари) во 12 часот во амфитеатарот 1 на правниот факултет „Јустинијан Први“, а на неа ќе учествуваат министерот за образование Панче Кралев, претставници на ректорската управа и претседателот на СПУКМ Кирил Спировски.

Според професорката од Филозофскиот факултет Билјана Ванковска, државата со последните измени бара квалитет од професорите и од универзитетите, а притоа не е подготвена да издвои средства за да помогне овој квалитет да се постигне.

СПУКМ ги поддржува законските измени, се побунија дел од професорите„Првиот впечаток за измените е дека се прави чекор плус во насока на она што го направија веќе претходните промени, а тоа е ставање државен јарем врз сфери кои се по дефиниција дел од автономијата на универзитетот, па дури и дисциплинирање со драконски казни (казна од 5000 евра за некој кој заработува 500 евра месечно е полоша од одење в затвор), што е невообичаено за високообразовната сфера. Навидум овие законски измени предвидуваат мерки за поголема мобилност и соработка меѓу студентите и професорите со 500-те најдобри универзитети во светот, но државата го прави тоа перфидно бидејќи наместо самата да издвои финансиски средства за овие цели, таа бара од универзитетите сами да обезбедат финансии за одење во странство, но и повикување на странски професори од најреномираните универзитети во светот, па на врв на се и отворање на заеднички студии (joint diploma). Ова е „играње бајрам со умот“: каква е мотивацијата на некој од најдобрите универзитети во светот да влезат во таков проект со некој од Македонија? Што ако тие не покажат интерес, а ние имаме законска обврска која мораме да ја исполниме?  Во ваква ситуација, веројатно универзитетите финансискиот товар ќе го префрлат врз самите студенти, зошто не гледам како инаку би ги исполниле овие законски барања. Барање ваков квалитет ќе беше можно само ако државата имаше стратегија за високото образование, ако негуваше центри на извонредност, наместо да стимулира пролиферација на државни и приватни универзитети, запишување на огромен број студенти за да го „реши“ проблемот на невработеноста, девалвирање на магистерските студии чии дипломи се сега на ниво на додипломски, итн., напиша меѓу другото професорката Ванковска на нејзиниот Фејсбук-профил.

Измените предвидуваат огромни парични казни и до 100.000 евра за универзитетите кои ќе ги прекршат новите правила. Министерот за образование добива поголеми ингеренции, а  факултетите добиваат обврска четириесет проценти од парите од партиципација на студентите да ги користат за инвестирање во научноистражувачки проекти. Тие се обврзани и да организираат тримесечни студиски престои на првите 500 рангирани универзитети според Шангајската листа за најмалку 30 студенти. Право на бесплатно школување имаат студенти со завршен просек над 9 во претходната година, а се воведува и можност за паралелно студирање. Со новите измени во законот се враќаат и асистентите, а ќе се наградуваат професорите кои соработуваат со светски универзитети. Високообразовните институции ќе мораат и задолжително да носат програма за вклучување на визитинг-професори од првите 500 рангирани универзитети.