Спорни одредбите од Законот за семејство во Македонија: Можност за злоупотреби и трговија со деца

Посвоените деца целиот живот трагаат по своите биолошки корени, а последиците од незнаењето на своето потекло можат да доведат и до инцест, вели за Радио МОФ – Илија Јовановиќ, претседател на здружението „Градиме иднина“ кое е насочено кон унапредување на правата на посвоените деца. Како поранешен штетеник на Домот за деца без родители и родителска грижа „11ти Октомври“, вели дека Законот за семејство во Македонија е застарен и конституиран со ризик за големи злоупотреби. Особено спорен е член 123а од Законот за семејство, кој налага податоците за посвоените деца да имаат статус на службена тајна. Тоа ги спречува да ја дознаат вистината за своето потекло, а кога ќе го дознаат тој факт подоцна во животот, доживуваат длабоки идентитетски кризи.

Покрај перспективата на поединецот, проблематичка е и целата семејна слика и системска поставеност на односите во семејстството на посвоените. Вели дека родителите обично го кријат податокот дека децата се посвоени, па кога ќе ја дознаат реалноста од некој друг, во семејството се појавуваат нарушени односи поради изгубената доверба.

Најдобро е на посвоените деца, вистината да им се каже на 6 или 7 години, тогаш веќе се доволно свесни да разберат што се случува, но и имаат доволно време во текот на животот да ја прифатат вистината за своето потекло, вели Јовановиќ.

Проблематично законско решение и институционални злоупотреби 

Посвоените лица согласно меѓународните конвенции за заштита на човечките права, имаат можност да побараат податоци за своето биолошко потекло по навршени 18 години. И покрај тоа што меѓународните легислативи потенцираат на овозможување на законското право, посвоените да ги знаат своите биолошки корени, Македонија како земја со застарени законски решенија во кои стои дека податоците за посвоените лица се третираат како службена тајна, им оневозможува да ја дознаат вистината за себе.

Според Јовановиќ, потребно е унапредувања на правата на посвоените лица и пред се системска промена на Законот за семејство и Законот за матична евиденција, според кои, посвоените лица ќе го имаат истиот матичен број, име и презиме, што е впишано од нивното раѓање. На тој начин не само што ќе се овозможи правото на посвоените да го знаат своето биолошко потекло и вистината за себе, туки и ќе се спречи злоупотреби на законот за траговија со луѓе.

Децата имаат право да знаат зошто завршиле во Дом за деца без родители или родителска грижа или зошто биле дадени на посвојување, вели тој.

На тој начин ќе се стави и ограничување на злоупотребите од институциите за кои се почесто се зборува во јавност а тоа е бесправно и незаконско одземање на деца од нивните родители под сомнителни, бирократизирани и нејасни решенија кои се носат од страна на Центрите за социјална работа, само затоа што законот не е доволно дефиниран во кои случаи децата можат да бидат одземени од нивните родители.

На навршени 18 години посвоените деца можат да побараат податоци за своето потекло

Правото на посвоените лица да ја знаат својата биолошка историја не е само емоционално и психолошко прашање, туку темелно човеково право признаено во многу современи законски системи низ светот. Во голем број држави правниот систем се движи кон поголема транспарентност и пристап до информации за биолошките корени. На пример, во Канада и во некои американски сојузни држави, посвоените лица имаат право да добијат пристап до одредени информации од нивните матични книги откако ќе наполнат одредена возраст, без ограничувања со „државна тајна“. Слично, Велика Британија ја поништи практиката на анонимност на биолошките родители за посвојувања од 1970-тите и денес дозволува посвоените да добијат информации за своето биолошко потекло кога исполнат 18 години.

Овие примери покажуваат дека правото да се знае сопствената историја може да се усклади со заштитата на приватноста, но без да се третира како недостапна тајна. Таквата рамка им овозможува на посвоените лица да изградат исполнет идентитет и подобро да го разберат своето здравствено и семејно наследство.

Трговија со деца и системски ризици

Покрај ова, тема која сè почесто се отвора јавноста е прашањето на кршење на правата на семејството и злоупотребите поврзани со одземањето на деца од нивните родители. Иако не постои едноставна врска помеѓу правото на пристап до биолошка историја и трговијата со деца, недоволно дефинираните законски процедури создаваат ризици дека деца можат да бидат одземени без доволно јасни критериуми или заштитни механизми. Во такви случаи, потребата за строго почитување на принципите на праведност, транспарентност и заштита на правата на детето станува уште поважна.

Меѓународното внимание на теми поврзани со злоупотреби и трговија со деца – особено од кога се појавија фајловите на Епстин – ја нагласува потребата за јасни стандарди и механизми за контрола. Тоа не значи дека посвојувањето само по себе е ризично, туку укажува на потребата институциите да работат во рамки што гарантираат безбедност, правична постапка и заштита на интересите на детето, без да се остави простор за злоупотреба.

Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ 

Фото: Meta / Freepik