Вечерва (9 мај) со почеток во 20 часот во „Base24“ ќе се одржи мултимедијален културен настан „Dystokyo“ во организација на „Пагода“ – здружение кое се бави со промоција на источноазиските култури во Македонија.
„Настанот претставува уникатен спој на glitch дигитална уметност, cyberpunk поезија и јапонска естетика“, посочуваат од „Пагода“.
Поводот за настанот е промоција на истоимената книга „Dystokyo“ објавена во Токио во 2024 година, во која се застапени дела на македонските автори Симон Калајџиев и Зориа Петкоска Калајџиева.
Покрај промоцијата, ќе има и изложба и поетско читање на пет јазици – македонски, англиски, јапонски, корејски и кинески – како и јавна дискусија на тема сајберпанк поезија и глич естетика со Владимир Мартиновски, декан на Филолошки факултет „Блаже Конески“ и авторите. Исто така, посетителите кои имаат стар компјутер може да го донесат и донираат на самиот настан.