Спој на светската класика и македонското авторско творештво на септемвриската филмска сцена во Кинотека

Кинотеката на Македонија ја најавува септемвриската програма, за која велат дека ќе донесе вистински филмски празник за љубителите на седмата уметност.

„Овој месец е посветен на антологиските филмови од историјата на светската кинематографија, како и на значајни македонски играни и краткометражни остварувања. На репертоарот ќе се најдат ремек-дела што го обележале златното време на филмот“, раскажуваат од Кинотека.

Како што додаваат оттаму, посебно место во програмата ќе имаат и македонските краткометражни филмови, кои на најдобар начин ја претставуваат енергијата и креативноста на неколку генерации автори.

„Кратката форма ќе биде претставена преку избор на значајни остварувања, кои ги истражуваат интимните приказни, урбаните пејзажи и социјалните предизвици. Овие проекции се можност публиката да се сретне со зрели авторски визии, а истовремено и да ја почувствува пулсацијата на современиот македонски филм“, истакнуваат од Кинотека.

Со оваа програма, нагласуваат од Кинотека, септемвриската филмска сцена станува мост меѓу светската класика и македонското авторско творештво.

„Публиката ќе има ретка можност да ги доживее најсветлите моменти на филмската историја и истовремено да се потсети на значењето на македонскиот филм како органски дел од европската културна мапа“, заклучуваат оттаму.

На веб сајтот на Кинотека се наоѓа целосната програма.