Спасувачките екипи ја прекинаа потрагата по преживеани лица од земјотресот во Измир

Турските спасувачки екипи ја прекинаа потрагата по преживеани лица, пет дена по смртоносниот земјотрес што го погоди западниот брег на земјата, при што загинаа најмалку 114 лица, пренесува хрватски „Индекс“. Спасувачките екипи со помош на 8.000 работници ги отстраниле речиси сите урнатини, изјави министерот за животна средина и урбанизам Мурат Курум пред новинарите во Измир, каде беа спасени 107 лица.

Меѓу повредените, четворица се во критична состојба, рече Курум. „Ако даде Господ, ќе ги залечиме раните на нашите браќа и сестри во Измир“, рече тој.

Тој потенцираше дека обновувањето на домовите на погодените лица ќе започне наскоро и дека според плановите, новите станови треба да бидат завршени во рок од една година.

Во моментов, најмалку 6.600 луѓе се сместени во шатори во третиот по големина град во Турција, каде 180 згради беа оштетени или целосно урнати, вели Курум.

Земјотресот со епицентар во Егејското Море кој се случи во петокот, освен Турција, ја погоди и Грција.

Спасувачките екипи бараат преживеани откако земјотрес го погоди Измир и грчкиот остров Самос