Создавање на непријатели: авторитарни и популистички мотиви

dane taleski

Дане Талески

Претседателот Ѓорге Иванов во неодамнешното обраќање до јавноста рече дека државата била под закани „и од надвор, и од внатре“ кои биле дел од „туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија“. Иако звучи алармантно и драматичо, тогаш неговите зборови не беа поткрепени со заклучоци на Советот за безбедност или масовни акции на МВР кои би биле соодветни ако заканите биле реални. Тогаш, ако Македонија не е под реална закана, дали реално постојат домашните и надворешните непријатели на кои алудира Претседателот?

Странците на мапа не можат да не најдат. Меѓународната заедница е преокупирана со големи проблеми и предизвици (пр. Брегзит, Сирија). Тие немаат интерес, а ни волја да се занимаваат со Македонија. Од друга страна, дома имаме изблик на гнев и револт. Тоа е разбирлива реакција во едно општество, кога од една страна обични граѓани добиваат казна затвор за кражба на 100 ќебапчиња или драконски финансиски казни за продавање на марули и коприви, а од друга страна 56 поединци, меѓу кои и носители на највисоки политички функции, кои се под истрага за злоупотреби, корупција, крадење на избори и други видови на политички криминал добиваат аболиција. Народот гледа дека политичарите кои се на власт се однесуваат како газди на целата држава. Народот се буни против тоа: против неправдата и против растечките социјални разлики.

Кога беше професор, Иванов ја препознаваше таа неправда, кога има дискриминација и потценување, што би рекол Рацин, кога „во очите матни и не сакајќи сама се дига фуријата“ (Тутуноберачите). Иванов, како професор, знаеше со индигнација да каже дека кога дете на стечаен работник ќе украде чоколадо (оти нема пари да го плати), тоа е криминал, а кога дете на новобогаташ ќе украде чоколадо (од бес), тоа е клептоманија. Првото поведение се казнува со затвор, второто со укор и советување. Како професор, Иванов ги разбираше овие социјални разлики и неправди кои создаваат бунтови и протести, како на пример сега во Македонија. Но, како претседател смета дека тоа е дело на домашни и надворешни непријатели. Од каде таа потреба да се измислуваат/создаваат непријатели?

Авторитарна/тоталитарна пропаганда

Еден одговор е дека тоа е карактеристика на авторитарната/тоталитарна пропаганда на владеачкиот режим. Според Хана Арендт (Изворите на тоталитаризмот), создавањето на непријатели(домашни и надворешни) е пропаганден елемент на тоталитарните режими. Во Македонија, сите кои бараат демократски реформи се непријатели на режимот, без разлика дали се домашни („соросоиди“, НВО, медиуми, Шарена револуција, Протестирам, заедно со опозициските партии, и Албанците како дежурни домашни непријатели) или надворешни непријатели (ЕУ и НАТО).

Македонија се пронаоѓа и во другите пропаганди елементи на тоталитарните режими, како на пример:градење на култ на лидер, контрола на медиумите и промовирање на псевдонаука. Пропаганда гради култ од Груевски, на пример дека тој е „пастир“ и олицетворение на народната волја. Се` е под негова контрола и ништо не може да се направи без негово одобрение, и од тоа се прави реално шоу каде тој шета по градови и села и решава проблеми. Во однос на медиумите, гледаме дека јавниот дифузен сервис и најголем дел од приватните медиуми следат иста уредувачка политика, имаат исти вести, прилози и сл. А примери за промовиање на псевдонауката има многу, од тоа дека сме цел на меѓуанроден заговор, дека Земјата е рамна, дека Харп системот се користи за предизвикување на временски непогоди, до измислени историски и археолошки тврдења поврзани со антиката.

Од друга страна, теророт – како основна карактеристика на тоталитарните режими – е делумно присутен, барем колку што е јавно познато. Постои злоупотреба на МВР, прекумерна употреба на сила, притисоци, следење, апсење на протестанти, повикување на информативни разговори, политички судења, политички затвореници и финансиски казни; но се` уште, „фала му на Бога“, нема класичен терор, како на пример, неселективно апсење, ескадрони на смртта, мачење, масовни политички убиства – иако не се разјаснети сите околности околу починувањето на Никола Младенов и Коста Крпач – и геноцид.

Популистичка пропаганда

Друг одговор е дека создавањето на поделби, и измислувањето непријатели, е дел од популистичката пропаганда на актуелниот режим. Според, Кас Муде (Популистички радикални десничарски партии во Европа) главна карактеристика на популизмот е создавање на реска поделба на граѓаните на две хомогени групи, кои взаемно се исклучуваат – „ние“ (народот, обичните луѓе) и „тие“ (политичкиот естаблишмент, елитата, непријателите). Популистите инсистираат дека тие ја претставуваат волјата на народот. Заради легитимитетот што го добиле на избори си земаат за право да се стават над демократските правила и процедури. Сите кои им се спротиставуваат одат против волјата на народот и се непријатели.

Никола Груевскли започна да ја создава поделбата меѓу „ние“ – народот и „тие“ – непријателите сописмото кое го испрати до членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во 2009. Тогаш, Груевски го повика „народот“ во „финална битка“ против „предавниците“. Слична популистичка реторика и поларизација имаше и во говорот на Груевски после „црниот понеделник“ на 24.12.2012 кога најверојатно по негова наредба полицијата ги исфрли пратениците од опозицијата и новинарите од Парламентот и употреби прекумерна сила против опозициските демонстранти пред Собранието. Тогаш рече дека „народот“ се спротистави на обидот за „пуч“ кој го подготвувале „домашни и надворешни непријатели“. Груевски ја повтори безмалку истата реторика во јануари 2015 година, кога го обвини Зоран Заев дека соработува со странски служби, по сценарио, за да ѝ наштети на државата. Груевски тогаш кажа дека тој – лично – го претставува народот и државата, а дека домашните и надворешните непријатели се здружиле да направат штета. Дваесет дена подоцна, откако Заев почна да ги објавува „бомбите“, Груевски на прес-конференција рече дека се работи за заговор против државата, дека Заев бил „камиказа“ која ја користеле некои надворешни мрачни сили.

Според популистичката реторика на Груевски, тој уште од 2009 го предводи „народот“ во борба против „непријателите“, и во таа смисла Иванов изгледа не знаел или не му кажале дека Груевски веќе 7 години води борба со домашните и надворешни непријатели. Сарказмот настрана, поентата е дека Иванов, со измислувањето непријатели, само ја повторува една од главните поенти на режимската пропаганда.

До кога ќе се создаваат непријатели?

Важно е да се каже дека претседателот Иванов е „труба“ за медиумско пласирање на пораките од авторитарниот/популистички режим. Пропагандата се создава во еден центар и претседателот, заедно со другите медиумски труби, од уредници и новинари на провладини медиуми до водители на емисии, се користи за ширење на пропагандата.

Но, Иванов учествува и во опасна злоупотреба на институцијата Претседател на РМ. Со одлуката за аболиција, создаде правна заврзлама, го поништи Уставот и го „погреба“ владеењето на правото. Авторитарниот режим покажа дека има максимална контрола врз претседателот. Тој нема никаква автономија во донесувањето на одлуки (дали го прави тоа своеволно оти сака да го брани и поддржува режимот или тоа го прави под присила, уцена или манипулација, е секундарно прашање). Режимот го користи претседателот за медиумска еманација на своите најконтроверзни пораки. А го искористи и за институционална злоупотреба – и тоа не е крај.

Авторитарните режими по правило не престануваат да измислуваат непријатели и да ги злоупотребуваат институциите. Нема да биде изненадување ако претседателот остане во служба на режимот и негов нераздвоен дел. Можеби ќе слушнеме уште поконтроверзни пораки и ќе посведочиме на уште поголеми злоупотреби.

Историјата ќе суди за улогата и значењето на сите вклучени во бурните политички настани во Македонија во последните неколку години. Но, ќе има многу работа и за слободното и независното судство. Сите ние ќе треба да живееме со нашите одлуки и превземени чекори. За среќа или несреќа, Македонија е мала земја, сите се знаеме – ќе се сретнеме на улица порано или подоцна. Во најмала рака, ќе има време и прилики да се преиспитаме.

Кога ќе се промени режимот, кога ќе има правда, тогаш ќе има и мир. Затоа ни е потребно слободно и независно судство. Тоа е неопходно за сите политичари од било која партија кои се огрешиле од законот да сносат лична одговорност. Потребна е јасна демонстрација дека сите сме исти пред законот. Дека нема недопирливи.

Потребна е поголема вклученост на поединците во политичките процеси, заедничко носење на одлуки, политики за зголемување на социјалната кохезија и заштита на социјално-маргинилизираните. Во демократијата стандардот за стабилност не е колку ги почитуваме најсилните (оние со најмногу моќ, пари и влијание), туку колку ги штитиме најслабите (социјално исклучените, сиромашните и беспомошните).

Кога ќе има правда и мир, тогаш нема да има повеќе создавање на непријатели.

д-р Дане Талески

 

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.