Современ јапонски филм во Кинотека

Современ јапонски филм во КинотекаВо Кинотеката на Македонија од вчера почна циклусот „Современ јапонски филм“ кој до 29 октомври ќе прикаже осум филмови снимени во изминатите десетина години.

Програмата вчеравечер почна со филмот „Четиринаесет“, вечер ќе биде прикажан „Пачиги! љубов и мир“, утревечер „Валканата афера Мацугане“. Во недела од 18 часот ќе биде прикажан „Жабата што се смее“ а од 20 часот – „Мачката го напушта домот“. Во понеделник, вторник и среда се насловите: „Сината пролет“, „Уште една борба/ завера“ и „Жарови“.

Кинотеката ја организира програмата во соработка со Амбасадата на Јапонија и е во знакот на одбележување 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Јапонија, на што беше посветен и циклусот современ јаспонски филм во март годинава.

– На филмското платно ќе имаме можност да погледнеме осум извонредни современи филмови од јапонската кинематографија – сите снимени во првата деценија на 21 век…. Самиот факт дека Кинотеката на Македонија, заедно со Амбасадата на Јапонија во Виена и Јапонската фондација веќе шести пат досега организира ретроспективи и на класични и на современи јапонски филмови покажува дека јапонската кинематографија веќе има своја публика во Македонија, но и дека ваквата блиска и динамична соработка е повеќе од добредојдена и потребна, истакнува Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Кинотеката, во каталогот за филмската програма.

Амбасадорот на Јапонија за Македонија Макото Такетоши посочува дека филмовите третираат различни аспекти на современа Јапонија.

– Исто така, тие ги прикажуваат различните аспекти кои се поразлични од онаа општа слика за јапонското општество, така што публиката ќе може да доживее разни форми на човечки драми, рефлектирани во филмовите произведени во првата декада на ова столетие. Публиката ќе ја открие димензијата на новата Јапонија и ќе го проникне интересот за мојата земја, истакнува Такетоши.

Извор: Канал 5