Советот на Скопје го усвои ребалансот на буџетот, пари ќе има за субвенции, за паркови и за новогодишно китење

Советот на Скопје вчера го усвои ребалансот на буџетот што го бараше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Со него ќе треба да се обезбедат пари за субвенции за некои јавни претпријатија, како и да се продолжи реализација на капитални проекти и да се одржува комуналната чистота на градот, пренесува агенцијата Мета.мк.

Ребалансот на буџетот го поддржаа 37 советници, еден гласаше против и еден воздржан.

Како што информираше Ѓорѓиевски, на седницата на Советот, во буџетот ќе можат да се избегнат предвидените задолжувања во јавниот превоз, бидејќи на улиците ќе се вратат приватните превозници, а од идната година ги очекува и новите 80 еко автобуси кои ќе треба да ги купи Владата. Со ребалансот ќе се обезбедат субвенции за јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Дрисла“, како и средства за продолжување или за забрзување на некои проекти.

„Паркови и зеленило ќе добие субвенции, но и ќе мора да работи на изградба на нови паркови, како што е тој што сега го почнуваме во Бутел, но и во Карпош, покрај Лепенец, 50 мини паркови што ги најавивме и други. Тоа ќе важи и за другите јавни претпријатија кои добиваат субвенции. Во другите градови помош се дава само за јавниот превоз“, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави, со ребаленсот и реконструкција на улицата Фрањо Клуз, кружен тек во Ѓорче Петров, трета лента на булеварот Александар Македонски, реконструкција на булеварите Хрватска и АСНОМ и забрзување на клучката кај Момин Поток. Средства треба да има и за проектирање на повеќе улици и за кружен тек кај Тобако 2 во Аеродром.

Ѓорѓиевски уште еднаш ги повтори долговите на Градот Скопје и на јавните претпријатија, за кои вели дека се над 300 милиони евра. Над 135 милиони се вкупните долгови на Градот за тековно работење, кредити и извршни решенија и над 180 милиони се на јавните претпријатија. Долгот на ЈСП Скопје е околу 22 милиони евра, а на Водовод и канализација околу 40 милиони евра.

Ѓорѓиевски се пожали и на ниската наплата на даноците.

„Наплатата на даноците е најлошата досега и е околу 35 отсто. Изворот на финансии на Скопје не треба да бидат комуналиите, заради што ќе преземеме неколку активности да се зголеми наплатата на даноци,“ рече градоначалникот и најави споредба на базите на податоци со Агенцијата за катастар за да се утврди вистинскиот број на станови во градот.

Од ребаласот ќе се обезбедат пари и за новогодишно украсување на Скопје и за новогодишна прослава за што ќе бидат потрошени 70.000 евра.