„Соулфлај“ и „Систерс оф мерси“ летово на „Д Фестивал“ во Штип

„Д Фестивал“ (The Festival), најголемиот летен музички фестивал во Македонија, оваа година одбележува јубилејно 15-то издание, кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.

Музичките настани ќе се одвиваат на две бини, „Главна“ и „Москито“, на кои ќе настапат повеќе од 40 бендови и музичари.

„Во досега најголемиот прв бран изведувачи се запишуваат вкупно 26 артисти кои летово ни пристигнуваат на ‘Д Фестивал’, листата ја предводат ‘Соулфлај’, ‘Систерс оф мерси’, ‘Инер Сркл’, ‘Архангел’, Кирил Џајковски и ТК Вондер и Рутсман, ‘Мизар’, ‘Фолтин’, ‘Буч Кесиди’, ‘Љубојна’, Томи Кеш, ‘Пич Вајс’, Дина Јашари, ‘Паркети’ и многу други“, информираа од „Пасворд продукција“, која до лани го правеше фестивалот во Дојран.

Од „Пасворд“ објаснија дека годинешната организација и најавата за фестивалот ги пролонгирале поради трагедијата во Кочани. Од истата причина, годинава во Штип нема да има камп на фестивалот, а концертите ќе се одржуваат покрај реката Брегалница, каде што се наоѓа и градскиот стадион. Во еко-парковите покрај реката под тврдината Исар се планираат идните фестивалски кампови.

„Со оваа промена на локацијата сакаме да одиме чекор напред“, рекоа од Пасворд“.

Од таму посочија дека на мултимедијалниот настан каде што се спојуваат музиката, уметноста и заедништвото, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Супорт Кочани“ (Support Kocani).

Имено, „Д Фестивал“ ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1.500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за за „Support Kocani“.

„’Д Фестивал’ е најпозитивната музичка авантура, но и Д место за сплотеност и добро дело! Поддржи. Сподели. Заедно да бидеме причина за надеж“, соопштија организаторите.