СОС Детско село Македонија годинава одбележува значаен јубилеј – 25 години постоење и поддршка на деца, млади и семејства во земјата. По тој повод, организацијата информира дека во изминатиот период помогнала да се променат животите на вкупно 6.090 корисници, нудејќи им можност за посигурна иднина.
Од организацијата истакнуваат дека нивната работа опфаќа различни сегменти на поддршка – од превенција на раздвојување на семејства, до грижа за деца без родителска грижа и поддршка за младите во процесот на осамостојување.
Преку советувалиштата и обуките за родителство, поддржани се 1.390 семејства во ризик, при што е спречено раздвојување на 3.970 деца од нивните биолошки семејства. Во делот на згрижување, организацијата обезбедува поддршка за 87 згрижувачки семејства, кои се грижат за вкупно 710 деца и млади.
Поддршката продолжува и по напуштањето на системот за грижа. Според податоците, 1.466 млади лица добиле помош за подобрување на своите вештини за вработување, а над 674 од нив успеале да се вработат. Дополнително, 73 млади лица започнале сопствен бизнис со помош на менторство и програми за зајакнување.
Организацијата посветува внимание и на менталното здравје, при што во текот на една година 127 деца и млади добиле психолошка поддршка за надминување на трауми и зајакнување на самодовербата.
По повод јубилејот, од СОС Детско село Македонија споделија и лични сведоштва од корисници, кои ја отсликуваат важноста на поддршката – од првите чекори кон стабилност, до целосна самостојност.
„Ова е патување од неизвесност до сигурност, од поддршка до независност“, порачуваат од организацијата, нагласувајќи дека и во иднина ќе продолжат да работат на подобрување на животите на најранливите категории граѓани.

