„Сонот на штипјани“ – активисти ги потенцираа најголемите проблеми во секојдневието на граѓаните

Преку нова акција насловена „Сонот на штипјани“ денеска, активистите од групата „Штип Арт Активизам“ ги потенцираа и издвојуваа најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат жителите на градот, откако претходно спровеле онлајн истражување

Како што велат од групата, граѓаните најмногу укажувале на проблем со нечистотијата и ѓубрето, небезбедни пешачки премини и немањето на рампи за инвалидни лица, небезбедни булевари, тротоари кои служеле за паркинг наместо за пешаци, осветлување на улици, потребата од зелени површини, како и потребата од функционални и безбедни детски игралишта и недостаток на кино.

„Сонот на штипјани е да нема сообраќаен метеж и имаат проодни и безбедни булевари и тротоари, чиста животна средина ,повеќе зелени површини за рекреација и кино. Овие соништа за поубав, почист, безбеден и зелен Штип, ги прикажавме преку поставени табли низ локации во градот каде граѓаните во истражувањето ги потенцирале како проблематични. Воедно апелираме и на самите граѓани од нашиот Штип дека сообраќајната култура, солидарноста со пешаците и нивната безбедност, ѓубрето расфрлано низ градот, е и нивна одговорност и сите можеме да внимаваме и придонесеме кон поубав Штип“, стои во нивното соопштение.

Истовремено, тие апелираат до јавните претпријатија во градот, но и до самата општина, меѓудругото и за поголема грижа за чист и зелен град и осветлување на улиците и санкционирање на несовесните возачи кои ги користат тротоарите за паркинг и узурпираат простори наменети за пешаци.

„Воедно да напоменеме дека поставените реквизити се од биоразградлив материјал и единствен начин да укажеме на сонот на штипјани за поубав Штип“, се додава во нивното соопштение.