Сојуз на средношколци: Нема да поддржиме откажување на матурата без алтернатива

Сојуз на средношколци на РСМ излезе со став дека не  поддржуваат откажување на полагањето на матурскиот испит, без понудено алтернативно решение. Реакцијата доаѓа по најавите на институциите дека се бараат решенија за тоа што да се прави со полагањето државна матура, во време кога училиштата се затворени поради појавата на новиот коронавирус.

„ Ние на никаков начин нема да го поддржиме откажување на Државната матура за ова учебна година, без понудено алтернативно решение. Без документот за положена Државна матура нашето школување е невалидно, така што без дипломата на Државна матура ќе биде на штета на нашите интереси како ученици. Поинаку кажано, нашето понатамошно универзитетско образование целосно зависи од дипломата на Државната матура“, укажуваат средношколците од Сојузот.

Оттаму велат дека бараат да се најде алтернативно решение со нешто што ќе ја земени Државната матура. Порачуваат и да се разгледаат примерите од други држави. 

„Италија го откажала тестот за Државната матура, но излегла со алтернативно решение. Оценката што ќе им се напише на документите на средното образование ќе биде просечната оценка во последните 4 години на средното образование. Ваквата алтернативна метода ќе се прилагоди и во неколку други држави, кои во нивниот образовен систем имаат Државна матура. Албанија не ја откажа Државната матура, но излезе со решение изгубените наставни единици во текот на овој период да не бидат вклучени во тестот за Државната матура. Овие се некои од привремените решенија кои можат да се нудат за кризата, не само во нашата земја туку и за целиот свет“, додаваат од Сојузот.

Велат дека по стабилизирање на создадената ситуација ќе инсистираат со претставниците на образованието, првично со Министерството за образование и наука да се излезе со решение за тоа што ќе се случи со Државната матура со цел да се подигне и квалитетот на образованието. Велат и дека матурантите се најпогодените од моменталната состојба со образованието.

Матурантите најзагрижени поради затворањето на училиштата – што да се прави со матурскиот испит