Собранието го изгласа Законот за управување со отпад

Пратениците во Собранието вечерва едногласно ги изгласаа измените на Законот за управување со отпад, со кој се укинува можноста за увоз на отпад кој би се користел како извор на енергија.

Веста за Радио МОФ ја потврди пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ, која заедно со Лилјана Поповска ги поднесоа измените за овој закон.

„Забраната за увоз на отпад како гориво се изгласа попладнево во Собрание. Ова беше едно од барањата на Зелен фронт за кое континуирано вршевме притисок и лобиравме за да вроди со плод попладнево. Седницата не беше закажана за денеска, но очигледно претседателот Талат Џафери ја стави на дневен ред попладнево и конечно Собранието ја изгласа законската измена. Од 102 присутни, 62 гласаа за. Продолжуваме понатаму“, објави 02 Иницијативата на „Фејсбук“.

Сепак, според измените на Законот, и понатаму останува дозволен увоз на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, како и да се користи како суровина.

Целосна забрана за каков било отпад денеска побараа граѓани и активисти кои организираа блокада пред Цеметарницата Усје во Скопје и оставија пехар на влезот од компанијата за „Трујач на годината“.

Скопскиот огранок на Fridays For Future, пак, минатата недела организираше протест пред Собранието од каде побараа итно да се донесе овој предлог-закон. Оттаму побараа средба со претседателот Талат Џафери за да добијат објаснување зошто донесувањето на предлог-законот, како што велат континуирано се одложува.