Со заштитни стреи Град Скопје ќе прави сенки на топлотните острови во градот

Со цел да се намали ефектот на „урбаните топлотни острови“, Град Скопје заедно со УНДП почнува со реализација на проект за изготвување и поставување заштитни стреи на 9 утврдени пешачки острови низ Скопје, со што ќе се обезбедат заштитни сенки од топлина за пешаците и велосипедистите, информираат од Град Скопје.

„Голем дел од пешачките острови на подрачјето на Скопје, со направени претходни студии се мапирани како места кај кои има зголемен ефект на урбани топлотни острови. Градот Скопје изминатиов период изврши мерења со користење термална камера во три дневни интервали на повеќе локации, а според резултатите утврдени се најтоплите девет точки кај кои ефектот на урбаните топлотни острови е најголем“, стои во соопштението на Град Скопје.

Според резултатите, од Град Скопје велат дека највисоките температури на овие 9 локации се движат меѓу 50 и 55 целзиусови степени, додека највисоката температура била 60.3 целзиусови степени, измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на Европската унија во Центар.

За изработката на проектната документација, во Буџетот на Град Скопје за оваа година се превидени 10.000 евра, а за реализацијата на проектот се предвидени дополнителни 30.000 евра, информираат од Град Скопје.