Здружението „Гоу Грин“ и Ски-центар „Заре Лазаревски“ во сабота ќе органзираат акција за чистење од отпадоци на осум локации во Националниот парк „Маврово“. Во акцијата „Со срце за зелено Маврово“ ќе бидат вклучени, средношколците од мавровскиот и реканскиот крај, локалните жители, угостители, хотелиери, а се очекува и поддршка од соседните градови.
Организаторите на акцијата најавуваат дека сите учесници ќе добијат соодветна опрема, храна, пијалак и ваучер за дневна ски-карта за ски сезоната 2018/2019. До локациите за чистење ќе биде организиран и автобуски превоз на релација Скопје – Маврово – Скопје.
Акцијата за чистење во Маврово која ќе започне во сабота (02.12.2017) во 12:00 часот и ќе заврши со дружење на учесниците во дискотеката Ратрак.
„Со акцијата сакаме да укажеме на два аспекти кои се важни за справувaње со отпадот на територијата на општината Маврово-Ростуше и НП Маврово. Важен аспект е тој што комуналното претпријатие и локалната самоуправа немаат капацитети за да се справат со количествата отпад, поточно немаат доволно механизација и контејнери. Исто така, е важно да се подигне и свеста на жителите и посетителите за одлагање на сметот“, вели Антонио Јованоски извршен директор на здружението „Гоу Грин – Биди зелен“.
Чистењето и собирањето на отпадоци ќе се одвива на локалитетите: Детско одморалиште Бунец – кај„Чешма“, пешачката зона од Инфо центарот до Маврови Анови, Стар Камп, околината кај Ски центарот и спортските терени, месноста “Бојков Кладенец”, околината кај црквата “Света Петка”, месноста “Црн Камен” и околината на коњаничкиот ранч кај Галичник.
Повеќе информации за програмата и начинот за пријавување во акцијата на следниот ЛИНК.
Акцијата се организира со поддршка на Свис контакт програмата за вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), НП Маврово, Општината Маврово и Ростуше, Нехар Турс, Хотел Бистра, Хотел Алпина и Пакомак.