Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, туку партнер во креирањето на реформите во високото образование, порача министерката проф. д-р Весна Јаневска на четвртата јавна дебата за Предлог-законот за високо образование, одржана на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Јаневска нагласи дека законот е започнат во соработка со универзитетите и дека на ист начин ќе биде и завршен. Сите прифатливи предлози од работната група ќе бидат инкорпорирани во новата драфт-верзија, која повторно ќе биде објавена на ЕНЕР за дополнителни забелешки од јавноста.
„Последниве денови се изнаслушавме дезинформации дека се укинува вонредното студирање или дека државата нема да финансира научно-истражувачки трудови. Тоа не е точно. Отворени сме за конструктивна критика и сè што е издржано ќе биде вградено во законот“, истакна министерката, апелирајќи да се прекине со, како што рече, ширење неточни информации кои им штетат на државата и на младите.
Во однос на средбата со приватните универзитети, Јаневска оцени дека дебатата била конструктивна и дека речиси сите прашања биле усогласени. Договорено е пред финализирањето на текстот повторно да се одржи состанок за дополнителна проверка на решенијата.
Осврнувајќи се на прашањето за бесплатно високо образование, министерката појасни дека студентите од ранливи категории веќе се ослободени од партиципација, додека студентите со ниски примања добиваат стипендии со кои практично им се покриваат трошоците за студирање. Дополнителни поволности има и за студентите сместени во домовите, а сите запишани студенти добиваат средства за студентски оброк.

Една од најкоментираните теми во јавноста се условите за напредување во академски звања. Јаневска посочи дека предложените критериуми не се повисоки од оние во други европски земји, но дека мора да се подигнат, бидејќи по укинувањето на критериумите со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование опаднал.
На дебатата во Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), министерката истакна дека улогата на високото образование е да создава јавно добро и стручни, компетентни и морални личности кои ќе придонесуваат за општествениот развој. Државата, како финансиер на високообразовните установи, има право да бара отчетност и одговорност за резултатите.
Според неа, Предлог-законот нуди меритократија, интернационализација и поттик за засилена научно-истражувачка работа, како неодделив дел од наставниот процес. Таа информираше дека по завршувањето на јавните расправи и вградувањето на забелешките, текстот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР, по што ќе влезе во владина процедура.
Министерката соопшти и дека е објавен Предлог-законот за научно-истражувачка дејност, додека од МАНУ најавија дека во текот на неделата ќе ги достават своите забелешки до Министерството за образование и наука, со заедничка оценка дека реформите во високото образование се неопходни.
Фото извор: Министерство за образование и наука, официјална web страница



