Со лични приказни против гласините започна кампањата „Гласно против гласини“

Шест говорници раскажаа сопствени инспиративни приказни за тоа како гласините ги дискриминираат жените. На овој начин започна националната кампањата „Гласно против гласини“ на која беше испратена порака за активно учество на момчињата и мажите за остварување на родовата еднаквост.

Фатма Бајрам Аземовска, која со својата работа дава придонес во македонското општество, зборуваше за гласините дека девојчињата Ромки „секогаш седат на задните клупи“, како и за гласините дека „белото дете носи среќа“. Всушност, тоа било прашањето и кога се родила Фатма. Дали таа е бело дете, затоа што се верувало дека белото дете носи среќа, дека ќе биде прифатено во општеството, и дека целиот живот ќе му биде полесен.

„Ромските девојчиња се дискриминирани со самото раѓање, дискриминирани во училиштето. Обично секогаш ги ставаат на задната клупа, без разлика кои се способностите на тоа дете, колку е талентирано или надарено. Патот на таквото девојче е многу потежок, за разлика од сите останати, таквото девојче, мора да се бори, двојно, десет пати повеќе. Така било и за мене. Меѓутоа сè уште се бориме за тоа да се промени. Често сметаат дека девојчињата не треба да учат, затоа што тие и така се мажат рано, меѓутоа, за нас, жените и девојчињата, постојат двојни гласини“, објаснува Бајрам Аземовска.

Гзиме Фејзи, пак, е жена претприемач. Сопственичка на фабрика за производство на млечни производи. Се потсети на почетоците на бизнисот, кој го формирале заедно со нејзиниот сопруг Нагим. Преку неколку примери ги објасни стереотипите со кои се соочувала.

Една од нејзините приказни е за тоа како фармерите, кои доаѓале во компанијата и носеле млеко, одбивале да зборуваат со неа и го чекале нејзиниот сопруг да се врати од патување во странство.  Ги слушала гласините од типот: „оваа жена ќе ми соли памет“, „колку е глупав Нагим, овој ќе ја изеде со сè неа“, „нека раѓа деца, нека готви“…

Нејзиниот успех, рече, е благодарение на нејзиниот сопруг и децата, кои секогаш ја охрабрувале дека може да успее, без оглед на предрасудите кои доаѓале од околината.

Мартина Димоска го пренесе својот пример на тоа како им пркоси на стереотипите и гласините дека една жена, не може да биде две работи. Во нејзиниот случај, таа е инженерка-иноваторка и модел.

Таа раскажа за тоа дека нејзиниот татко не бил среќен кога се родила, бидејќи посакувал син. Тоа ја следело низ животот, за да успее во она што го работи. Дедо и се занимавал со сервисирање телевизори, а во семејната работилница работите ги изведувала подобро од нејзиниот братучед. Цело детство била опкружена со ‘машки’ професии, кои нејзе и биле интересни, бидејќи така креирала.

„Имав сестра со мускулна дистрофија, која не можеше да оди, и знам дека секогаш кога ќе направев нешто, или ќе поправев, тоа ја правеше многу среќна. Сфатив дека преку инженеринг јас можам многу да им помогнам на луѓето и да ги правам среќни, и така некако си ја најдов мојата основа на креативноста“, објаснува Димоска.

Таа објаснува и дека секој е потребно да си направи група на поддржувачи кои ќе го бодрат низ животот.

„Сум имала моменти кога јас самата не верувам во себе. Меѓутоа, луѓето што биле околу мене, колку и да биле малку на број, верувале повеќе од мене дека можам, бидејќи ти се бориш да создадеш нешто што е многу поголемо од тебе, а Балканов знае да има изместени вредности и секој да си го тера своето, малку поегоцентрично, ти требаат луѓе да те бодрат, затоа што многу често се кршиш, особено на вакви, млади ранливи години“, завршува Димоска.

Поетесата Искра Донева, која има церебрална парализа, раскажа како веќе од инкубаторот, животот ја натерал да се бори за себе. Сè што постигнала, направила сама, со огромна поддршка од нејзините родители, за кои вели дека и биле „раце, нозе, срце, душа, крилца“..

Вели дека во периодот кога требала да се запишува на училиште, поминала низ девет операции, а морала да го почне образованието во болница, но, споменувајќи дека веќе отскокнувала од сите други деца, затоа што веќе знаела да чита, да брои, пресметува, ги знаела основните факти од науката и слично.

Раскажувајќи за својата учителка вели дека секое од децата го „исковала“ како карактер, за тие да бидат упорни и да го изразуваат нивниот потенцијал.

Дел од настанот беше и новинарот Васко Попетрески, тој објаснуваше како преку неговата професија се среќавал со ваквите предрасуди и стереотипи, а новинарката Ана Јовковска потенцираше дека медиумите играат голема улога во намалувањето на предрасудите и стереотипите.

Со кампањата „Гласно против гласини“ се планира реализација на различни активности на национално ниво, во кои ќе се опфатат различни канали на комуникација: социјални и дигитални медиуми, настани и дебати од јавен карактер, сè со цел да се допре до засегнатите страни и едукативно да се влијае врз директните учесници во ваквата негативна општествена појава.

Организаторите на настанот велат дека гласините се доста широко распространети, а тие всушност се верувања кои се пренесуваат од лице на лице, додека нивната вистинитост не се базира на никакви докази, туку, на фактот што многу луѓе избираат да веруваат во нив, истакнувајќи дека тие може да имаат многу штетно влијание

Се надоврзаа на тоа дека гласините се начинот на кој се пренесуваат и зацврстуваат родовите стереотипи и предрасуди, за кои што велат, ни даваат еднодимензионална слика за родовите улоги, кои секако имаат сериозни последици.

„Родовата еднаквост и борбата против стереотипите, гласините и предрасудите што ги поткрепуваат и ги засилуваат родовите нееднаквости не се само женско прашање, туку проблем на целото општество, затоа ги повикувам сите мажи и момчиња, активно да се вклучат и заеднички да ја преземат одговорноста за остварувањето на родовата еднаквост“, вели амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Кампањат која се одвива под слоганот под слоганот #СекојаЕднаЕВредна ја спроведува маркетинг агенцијата Футура 2/2, а е поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Мартин Колоски