Со концерти во 15 македонски градови синоќа се славеше поканата за НАТО

Синоќа во 15 градови се одржаа музичкиѕе концерти организирани од Владата, со цел да се прослави поканата на земјава за членство во НАТО и датумот за преговори со ЕУ, откако Македонија ќе ги исполни обврските предвидени во Договорот со Грција.

Во последен момент своето учество го откажаа пејачот Влатко Лозановски и Љубојна. Лозановски требаше да пее на прославата во Охрид, а на публиката и се обрати преку социјалните мрежи каде пишува „Овојпат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам“. Етно Бендот Љубојна пак иако публиката ги очекуваше, не настапи на прославата во Струмица. Ден пред настапот реагираа дека не знаеле на каков настан треба да настапат, но најавија дека парите ќе ги донираат за хуманитарни цели.

Од Владата преку соопштение упатија благодарност до општините за поддршката и помошта прославите да поминат во најдобар ред, како и до музичарите за професионалниот однос и ангажман.

„Граѓаните од целата земја излегоа слободно и прославија, на 15 настани кои обединуваат и со тоа ја поддржаа Македонија која се обединува и која оди во НАТО и ЕУ. Вредноста на историскиот момент е препознаена ширум држава, од Гевгелија до Гостивар, од Куманово до Струга“, стои во владиното соопштение.

Во текот на утрешниот ден Владата најави објави целосен извештај за организацијата на настаните, откако во повеќе наврати беа повикувани да соопштат колку пари од буџетот  ќе бидат одвоени за оваа прослава.

Концерти се организираа во Скопје, Куманово, Кавадарци, Охрид, Битола, Тетово, Кичево, Прилеп, Велес, Гостивар, Штип, Кочани, Струга, Гевгелија и Струмица.