Со дебата за младите во политиката и општеството отворен Претседателскиот центар за политичко образование

Со дебата на тема „Иднината на демократијата – младите во политиката и општеството“, на која учествуваа млади од невладиниот сектор, денеска се одржа инаугуративен настан на новиот Претседателски центар за политичко образование.

Центарот е еден од клучните проекти од програмата на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а се реализира во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност.

Претседателот Пендаровски најави дека во следниот период преку новиот Претседателски центар планирана е реализација на едукативни настани, дебати за важни општествени прашања, научни конференции, стручни дискусии, како и школа за политика, со еминентни предавачи и тренери од земјата и од странство.

„Верувам дека со работата на Центарот ќе придонесеме за промоција на културата на дијалог и ќе влијаеме во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашиот формален и неформален образовен систем. Водени од визијата за јакнење на демократијата, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција и солидарност, убеден сум дека заеднички ќе ја постигнеме целта“, рече Пендаровски.

🔴ВО ЖИВО | Инагурација на Претседателскиот центар за политичко образование

🔴ВО ЖИВО | Инаугурација на Претседателскиот центар за политичко образование

Posted by Stevo Pendarovski on Saturday, November 7, 2020

На настанот беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и партнерските фондации и организации: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).