Со читање приказни за добра ноќ, волонтери им помагаат на најмалите пациенти да ги пребродат болестите

Анастасија и Гафур секој понеделник и четврток ја посетуваат Клиниката за детски болести во Скопје. Преку читање приказни за добра ноќ ги забавуваат најмалите пациенти за време на нивниот престој во болницата.

Анастасија е средношколка во гимназијата „Орце Николов“. Желбата за читање и волонтирање ја поттикнала да се вклучи во акцијата на здружението САНО. Иако ова ѝ е прво вакво искуство, Анастасија брзо се навикнала на идејата и заедно со децата почнале да ги читаат книгите за Глушецот и жабата и Кралот мечка.

„Да бидам искрена, првиот момент кога влегов бев многу исплашена, бидејќи не знаев дали ќе можам да ги контролирам моите чувства, затоа што сепак станува збор за деца кои имаат одредена болест, но од моментот кога се запознав целата трема ми се изгуби и многу убаво искуство. Дома си отидов исполнета“, вели таа.

Волонтирајќи се сретнала со средина која досега била непозната за неа.

„На крај испадна не јас на него да му читам, туку тоа на мене да ми чита бидејќи на училиште многу го фалеле дека многу убаво чита и сакаше да ми покаже. Многу убаво искуство. Детето беше пресреќно и цртавме коли, тоа беше интересно“ раскажува Анастасија.

Слично искуство има и Гафур Амети. Тој е родител на две деца и вели оти знае како е кога тие биле во болница, па затоа своето искуство сака да го сподели со што повеќе луѓе.

„Веќе им зборувам на пријатели и мислам дека ќе ги натерам, ќе ги убедам да дојдат некоја вечер овде со мене за да можат да читаат на некое дете. Кога велам читање, не дека навистина мора да читаш, но важно е да се трудиш, затоа што исто е важно тоа што ако децата се чувстуваат подорбо, се позитивни, им даваш надеж и нивниот иунитет станува подобар и полесно можат со болестите да се справат“, смета тој.

Посетите во Клиниката му покажале на Гафур дека луѓето не се свесни колку се среќни што се здрави.

„Обично никој не кажува „еј многу сум среќен денеска затоа што не сум болен“. Но, кога ќе видиш болни луѓе, или во овој случај деца, среќен сум што моите деца се здрави и сигурно дека кога моите деца би биле болни, би ми било да има други луе што ќе го прават тоа што го правам јас сега“, верува тој.

Во акцијата активно учествуваат 10 волонтери, додека на повикот се пријавиле 100-тина граѓани, вели задоволно Марија Тасев, основач на Здружението САНО. Дел од волонтерите читаат на  Детска хирургија, а останатите на Клиниката за детски болести.

По повод 5 Декември – Светскиот ден на волонтирањето, Универзитетската Клиника за детски болести додели благодарници на волонтерите вклучени во акцијата

„Бевме мотивирани да направиме нешто убаво за децата, да заборават на боцкањето, да заборават на непријатноста дека се во болница. Да имаат можност да зборуваат за теми за кои вообичаено во болница не се зборува“, појасни Тасев.

Но, со оваа акција тие им помагаат и на родителите на овие деца да земат здив и да одвојат барем половина час за себе.

„Може да седат, да се успокојат, да соберат сила бидејќи зад нив останува цела вечер да се борат со температура и со сè што треба да помогнат во болница. Драгоцени се овие половина час за родителите кои се во болница, сметаме дека колку е важно децата да  имаат пола час за себе со други луѓе, толку е важно и за родителите“, нагласи таа.

Акцијата продолжува и наредната недела, но поради зимските услови, читањето ќе се одвива само во понеделник од 18:30 часот.

Емилија Петреска

*Првична аудио верзија од темата е објавена во склоп на емисијата „Мегафон“