Слушачка промоција на новиот албум на „Конспираси“ во „Буква“

Во кафе-книжарницата „Буква“ утре, 5 јуни, од 21 часот ќе се одржи слушачка промоција на новиот албум „Заговор“ (Zagovor) на составот „Конспираси“ (Conspiracy).

„’Заговор’ е огледало на нашето време – полн со болка, измама и гнев, но и со надеж за промена и откривање на вистинскиот пат. Овој албум ја раскажува приказната за она што многумина го чувствуваат, но ретко го изговараат – болката од предавство, гневот кон неправдата и желбата за ослободување“, стои во најавата за настанот.

Организаторите повикуваат на слушачка промоција, со цел, да се слушне албумот пред официјално да излезе на музичките платформи, во атмосфера каква што заслужува.

„Ве чекаме да бидете дел од оваа музичка приказна“, се вели во повикот.

„Заговор“ ќе биде издаден на 6 јуни 2025 во соработка со издавачката куќа „Мртов Коњ“.

На самиот настан заинтересираните ќе може да набават маичка и ЦД од албумот.

Инаку, „Конспираси“ е хеви/треш метал бенд од Скопје, формиран во 2016-та година. Под влијание на легендарни метал состави – како што велат тие – започнуваат со создавање на свој препознатлив звук, кој се карактеризира со брзи рифови и енергични настапи.

„Заговор“ им е втор албум, откако во 2019-та го издадоа „Dehumanized“.

Во „Конспираси“ членуваат: Стефан Трајкоски (вокал и гитара), Александар Стефановски (тапани), Адриан Петров (гитара) и Раде Биковски (бас).