„Случајот П“ – Правнички театар од студенти за проблемите на маргинализираните групи

Утре (26 декември) на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ќе се одржи театарската претстава „Случајот П“ со почеток од 21 часот.

Претставата има цел да ја подигне свеста за маргинализираните групи и проблемите со кои се соочуваат, а правничкиот театар е производ на соработката на студентите од Правната клиника за ранливи групи и студентите од Факултетот за драмски уметности.

„Стигмата, дискриминацијата и насилството врз маргинализираните групи сè уште постои, а институциите продолжуваат да бидат глуви и слепи за нивните барања. Студентите од Правната клиника се обидуваат да најдат решение“, се наведува во најавата на претставата.

Главниот лик во претставата е Џемиле, жена Ромка на возраст од 45 години која е невработена и се соочува со низа проблеми поради нејзината етничка припадност и е жртва на семејно насилство.

„Џемиле и сопругот се надевале дека ќе најдат работа во Франција и ќе останат таму да живеат, но после 6 месеци се вратиле во Македонија. По враќањето од Франција, сопругот на Џемиле чувствувал голема разочараност заради неуспехот да останат таму. Разочараноста растела и постепено преминувала во агресија. Најчесто, агресија кон Џемиле. Една вечер, без никаков повод и без претходна расправија, тој зел остар кујнски нож и додека Џемиле седела во дневната соба ја прободел во пределот на стомакот… Што се случува понатаму со Џемиле и со какви проблеми се соочува?“, се додава во најавата на претставата.

Театарската претстава ќе се одржи во свечениот амфитеатар I на Правниот факултет.