Светот вчера го одбележа 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. „Легис“ како граѓанска организација која овозможува хуманитарна и правна помош на граѓани во социјален ризик и длабока сиромаштија, бегалци и луѓе во миграција, го одбележи со почеток на дигитална кампања за потсетување и поттикнување на граѓаните за потребата од солидарност и меѓусебно помагање, особено, велат тие, во услови на тешка хуманитарна криза во која се наоѓа Република Северна Македонија.
„Дигиталната кампања се состои од кратки-видео приказни за луѓе кои во услови на паднемија волонтираат и помагаат на многумина сограѓани да се справат со последиците од истата со тоа што изработуваат и делат заштитни маски, храна, медицинска помош, се залагаат за чиста животна средина или со еден збор, градат подобра заедничка иднина“, соопштуваат од „Легис“
Преку кампањата со слоган: „Сложни граѓани, општество градат“, „Легис“ има за цел да ја запознае јавноста со луѓе кои даваат голем придонес во градење на мостови меѓу граѓаните и чии што лични вредности може да служат како инспирација за целото општество.
„Кампањата ќе трае 2 месеци и ќе опфати видео и пишани позитивни примери на волонтирање и солидарност во услови на хуманитарна криза за локално население и луѓе во миграција, а од вчера е достапна на социјалните мрежи и видео каналот на Легис. Активностите се дел од Институционален проект на Легис во рамки на програмата за Институционална поддршка на граѓански организации во програмата на Цивика Мобилитас“, информираат од „Легис“.
Денеска ја претставуваат Санела Качику, волонтерка на „Легис“. За неа велат дека освен што помага на луѓе во социјален ризик, го искористи својот талент за шиење и прави заштитни маски за локално население кои ги дели бесплатно.
„Имајќи предвид дека многу наши сограѓани не можат да си купат заштитни маски и се наоѓаат во услови на длабока сиромаштија и пандемија, маските кои ги изработува и дели Санела неʹ потсетуваат дека и во вакви услови: ‘Сложни граѓани, општество градат’!“, велат од „Легис“.