„Слобода и приватност“ во фокусот на конференцијата „E-oпштество“

Фондација Метаморфозис на 22 ноември во хотелот „Холидеј ин“ ја организира тринаесетата меѓународна конференција „E-oпштество.мк“. Овој пат, конференцијата е со тема „Слобода и приватност“.

„Настанот ќе обезбеди простор за вмрежување и споделување искуства меѓу претставниците на институциите и медиумските организации овозможувајќи им предуслови за меѓусебна комуникација. Крајната цел е придонес во исполнување на реформските приоритети, како услов за пристап на Република Македонија во ЕУ, преку идентификација и елиминација на пречките за демократскиот развој на медиумскиот сектор“, соопштуваат од Метаморфозис.

Според Фондација, конференцијата се стреми да обезбеди платформа за дискусија на експерти за зајакнување на јавната свест за реформските приоритети и со предизвиците на медиумите.

„Исто така, создавање можности за информативна јавна дебата помеѓу носителите на одлуки, невладините организации и медиумите. Креирање коалиција на граѓански организации и на медиуми за надзор и за застапување на исполнувањето на реформските приоритети во областа на медиумите“, стои во соопштението на Метаморфозис, од каде потенцираат дека настанот ќе биде отворен за јавноста.