„Skyrise“, „Прв Ред“, „Skullcrush“ и „Anna O’ – победници на демо-конкурсот на „Аква парк фест“

Честа на младата музичка сцена на Аква Парк Фест ќе ја бранат групите Прв Ред, Skullcrush, Skyrise и Anna O – групите кои се избрани на демо-конкурсот што го спроведе организаторот на фестивалот, продукцијата Пасворд.

SKYRISE е млад алтернатив рок бенд од Тетово, активен од август 2012 година. На публиката првпат и се претставуваат во март 2013 година со песните “Let Yourself Go” и “Playing God”, зад кои како продуцент се потпишува Гоце Симоноски, гитарист на High Control и продуцент на последниот албум на Суперхикс. Песните веднаш добиваат позитивни реакции од публиката и македонската јавност. Звукот на бендот може да се опише како моќен, меланхоличен и модерно алтернативен. Бендот во моментов работи на својот прв албум.

Момците од ПРВ РЕД кои доаѓаат од Пробиштип, за себе велат дека се хулиган-рок’н’рол бенд , кој е оформен во септември 2010 година. Првата свирка ја имаат во рамки на “Rock & Riot Fest vol.1” во 2011, каде настапуваат заедно со “Е!?”, “Лоши Деца” од Скопје и “Punkreas” од Црна Гора. До сега бендот има настапувано во неколку градови низ Македонија, а во јули 2012, во „Студио Кај Трајче“, бендот го снима нивниот деби албум, насловен „Само најсилните преживуваат“.

На Аква Парк Фест ќе се претстави и младата група АNNA O од Кочани, која постои само неколку месеци, а својата музика ја одредува како панк/инди/алтернатив/пост-емо . Досега имаат снимено неколку гаражни снимки, а имаат свирено на АTD Turns 3.

SKULLCRUSH е треш-метал група формирана во Битола, есента 2004. Во сегашниот состав, првата свирка им била заедно со Hall of Sins и Lanfer во Битола, есента 2005 и од тогаш следуваат повеќе настапи во земјава. Меѓу нив вреди да се споменат настапите на фестивалите: Мораториум (Прилеп), Дојди Веслај (Струга), Аларм за Природата (Љубаништа), Metal Discharge(Битола), Кале Фест (Кичево), Battle for Wacken (Скопје) и Rock Fest (Скопје) како и клубските свирки на кои ја делат сцената со познатите бендови како: французите Bloody Sign, босанците Agonize и србите Infest, Decrepancy, Disdained, Mad & Goya и Ashen Epitaph.

Овие четири млади групи ќе ја отворат вечерната програма на фестивалот, со настапи на главната фестивалска бина, која ќе ја делат заедно со веќе објавените хедлајнери на Аква Парк Фест како PAUL VAN DYK, MARK KNIGHT, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO, СУПЕРХИКС, ФОЛТИН, BERNAYS PROPAGANDA, S.A.R.S., SMUT, FOOLISH GREEN, CONQUERING LION, САШКО КОСТОВ & TWWа кон оваа листа се приклучуваат и локалните диџеи ICEBERG & LEPHONQ и FLOODER, кои се веќе докажани како артисти со енергични сетови за еуфоричен подимски танц.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на 24 и 25 мај, на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај двете фестивалски бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, меѓу кои и преносот на фудбалското финале во Лигата на шампиони, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо и ново фестивалско искуство кое нема да го заборавите.